Ekip
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - НАТО сака да го „отстрани секој простор за погрешни проценки“ во Москва за неговата подготвеност да ги брани сите членки на Алијансата, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, речиси три недели по руските воени дејствија против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На денешниот состанок не само што ќе се осврнеме на непосредните последици од руската инвазија на Украина, туку и на подолготрајните последици“, изјави Столтенберг за новинарите пред почетокот на вонредниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. Турција на состанокот ќе ја претставува министерот за национална одбрана, Хулуси Акар.
„Министрите за одбрана ќе зборуваат за долгорочната адаптација на НАТО на променетата безбедносна средина кон зајакнување на одбранбените и одвраќачките способности на Алијансата“, рече тој.
По нападите на Русија главно фокусирани во источните и северните делови на Украина, неодамна беше извршен напад и во западна Украина, само неколку километри од границата со Полска, членка на НАТО.
„НАТО има за цел да го анулира просторот за погрешна проценка или недоразбирање во Москва за нашата спремност да ги заштитиме и одбраниме сите сојузници“, додаде Столтенберг.
Тој нагласи дека НАТО има над 40.000 трупи поддржани од поморски и воздушни капацитети од источното крило на Алијансата, како и стотици илјади војници во состојба на готовност низ целата територија на НАТО, бидејќи има „одговорност да осигура конфликтот да не ескалира надвор од границите на Украина“.
„Нашето присуство овде испраќа сигнал до светот дека остануваме обединети во нашата поддршка за Украина“, порача американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин за новинарите пред состанокот.
Тој ја повтори осудата на НАТО за „неиспровоцираната и неоправдана инвазија на Русија“ врз Украина, нагласувајќи ја поддршката на НАТО за „легитимната и суверена власт“ на Украина.
Украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников, ќе им се придружи на министрите за одбрана на НАТО на состанокот, како и претставниците од земјите партнери на НАТО - Грузија, Финска, Шведска и од Европската Унија.
Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на глобални компании од Русија.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), од почетокот на војната досега животот го изгубиле најмалку 691 цивил, додека 1.143 се повредени.
„Над 3 милиони бегалци пребегаа од земјата, додека околу 6,7 милиони луѓе се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.