Elena Teslova
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
МОСКВА (АА) - Мировните преговори помеѓу Русија и Украина не се лесни, но постои надеж за изнаоѓање компромис, изјави денеска министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За рускиот телевизиски канал РБЦ (RBC), Лавров изјави дека неговата проценка се заснова на информациите дадени од руската делегација на мировните преговори со Украина.
„Се водам од проценките што ги даваат нашите преговарачи. Тие наведуваат дека преговорите не се лесни од очигледни причини, но дека сепак, постои некаква надеж за изнаоѓање компромис“, рече Лавров.
Тој додаде дека некои претставници од украинската делегација дале слични проценки.
Лавров истакна дека е многу рано да се зборува за состанок на ниво на министри за надворешни работи, тврдејќи дека украинските политичари ги користат овие настани да добијат публицитет и да бараат одлука на високо ниво.
Како пример, Лавров го наведе неговиот последен состанок со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во рамките на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција, велејќи дека на целата средба која траела еден и пол час, Кулеба само ги повторувал јавните изјави кои ги дал претходно.
За време на состанокот, одржан во присуство на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, Лавров рече дека и покрај неговите потсетувања дека сака да го слушне она што не се слуша во јавноста, „Кулеба не изнесе никакви нови идеи“.
Лавров истакна дека состаноците на високо ниво се организираат за да се решаваат тешки прашања кои не можат да се надминат поинаку.
Тој рече дека форматот кој во моментот функционира во Белорусија е најефективен и дека преговарачите се близу до потпишување договор. Изрази надеж дека Киев нема да го промени својот став во последен момент.
Запрашан за напорите за посредување на некои земји, рускиот шеф на дипломатијата рече дека Франција, Израел, Швајцарија и Турција понудиле да бидат посредници.
„Предлозите на оние земји кои не играат русофобна игра ги разбираат основните причини за актуелната криза - разбираат дека зборуваме за основните национални интереси - легитимните интереси на Руската Федерација - и кои не се приклучуваат на оваа војна, секако, ги разгледуваме овие предлози позитивно“, рече Лавров.
Тој истакна дека Израел и Турција не се приклучиле на санкциите против Русија и поради тоа Русија позитивно гледа на нивните напори.