Zahir Sofuoğlu; Ahmet Gençtürk
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
СОЧИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот колега Владимир Путин се состанаа денеска во Претседателската палата во Сочи, Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин го пречека Ердоган во Претседателската палата, а потоа кратко им се обрати на новинарите пред состанокот. По тој повод, Ердоган особено ја истакна важноста на соработката меѓу двете земји.
„Убеден сум дека е корисно секојдневно да продолжуваме да ги зајакнуваме турско-руските односи“, рече Ердоган, додавајќи: „Чекорите што ги преземаме заедно со Русија во врска со Сирија се од големо значење. Таму мирот зависи и од односите меѓу Турција и Русија.“
Тој посочи дека Турција, на неодамнешната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, исто така, имала јасен став за важните прашања.
„На Генералното собрание на ОН, некои [учесници] одделно прашаа за одредени теми. Ние веќе им го дадовме потребниот одговор. Бидејќи е невозможно да се откажеме од преземените чекори“, рече Ердоган.
Тој, исто така, се заблагодари на Русија за помошта и придонесот во гаснењето на шумските пожари во Турција.
Ердоган и Путин ќе разговараат за голем број важни билатерални и регионални теми, вклучувајќи ги и актуелните случувања во Сирија.
- Путин во Сочи посебно се заблагодари за добрите економски односи на Русија и Турција
Рускиот претседател Путин истакна дека е важно да се работи на постигнување консензус и договор.
„Нашите средби [со Ердоган] не поминуваат секогаш без проблеми. Сепак, надлежните институции секогаш пронаоѓаат консензус“, рече Путин.
Тој особено ги пофали добрите економски односи меѓу двете земји.
„Турските инвестиции во Русија вкупно изнесуваат 1,5 милијарди. Руските инвестиции во Турција изнесуваат 6,5 милијарди долари. Сите големи проекти продолжуваат според планот“, рече Путин, додавајќи:
„Нашиот обем на трговска размена со Турција се зголеми за околу 50 отсто во првите девет месеци годинава. Ги надоместивме загубите за време на пандемијата, но исто така, забележавме и значително зголемување.“
Тој, исто така, ја оцени како важна соработката меѓу Русија и Турција во регионот Карабах.
„Нашата соработка со Турција во Карабах е важен фактор и за постигнување примирје и за постигнување посилен траен мир во иднина“, рече Путин.
Ердоган и Путин ќе разговараат за голем број важни билатерални и регионални теми, вклучувајќи ги и актуелните случувања во Сирија.
Инаку, во делегацијата што отпатува за Русија заедно со турскиот претседател се шефот на Националната разузнавачка служба на Турција (МИТ), Хакан Фидан, шефот на Дирекцијата за комуникации, Фахретин Алтун и портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин.