Ayhan Şimşek
04 Април 2018•Ажурирај: 04 Април 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија денес го потврди ветувањето на ЕУ за додатните 3 милијарди евра (3,72 милијарда долари) помош за сириските бегалци во Турција, како дел од договорот од 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на прес-конференцијата во Берлин, заменик портпаролката на владата изјави дека членките на ЕУ во моментот дискутираат за начините на кои ќе ја обезбедат ветената сума.
„Европската комисија на 14 март поднесе предлог за финансирање на оваа втора транша од три милијарди евра. Во моментот продолжуваат консултациите во рамките на ЕУ“ , изјави Улрике Демер.
„Не постои спор околу тоа дали да се направи оваа исплата“, рече таа и додаде дека земјите-членки на ЕУ главно разговарале за начините и методите за доставување на парите.
Во март 2016 година, ЕУ и Турција постигнаа договор за запирање на нелегалната миграција преку Егејското Море и подобрување на условите за повеќе од 3 милиони сириски бегалци во Турција.
ЕУ вети средства од 6 милијарди евра (7,44 милијарда долари) за сириските бегалци во Турција и вети дека ќе ја мобилизира втората транша од 3 милијарди евра до крајот на 2018 година.
Европската комисија, извршната власт на ЕУ, предложи да мобилизира 1 милијарда евра (1,23 милијарда долари) од буџетот на ЕУ и ги повика 28 земји-членки да ги распределат преостанатите 2 милијарди евра од нивните национални буџети.