Hakan Çopur
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Белата куќа соопшти дека борбата на американските сили против терористичката организација ДЕАШ е при самиот крај, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Земјите од регионот, вклучувајќи ги и ОН мора да работат со цел воспоставување на мир, но и за тоа ДЕАШ да не се појави повторно“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
„Воената мисија чија цел е уништување на ДЕАШ во Сирија забрзано се приближува кон крајот откако таа терористичка организација речиси во потполност е елиминарана. САД и сојузниците се посветени на задачата во Сирија да ги уништат и последните остатоци од ДЕАШ. Со нашите сојузници и партнери и понатаму ќе разговараме за идните планови по прашањето за Сирија“, се наведува во соопштението.
Исто така, неименувани американски официјални лица порачаа дека американските сили уште некое време ќе останат во Сирија, но потоа сигурно ќе се повлечат од таа земја.
Потсетуваме, американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека неговата земја веќе активно работи на планот за излегување од Сирија.
„Работиме на планот за излегување од Сирија. Доколку Саудиска Арабија сака да останеме во Сирија ќе треба да плати за тоа“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа.
Тој нагласи дека земјите кои сакаат САД и понатаму да останат во војната во Сирија ќе мора да му платат на Вашингтон за военото присуство во таа земја.
Инаку, Саудиска Арабија претходно порача дека сака американските сили и понатаму да останат во Сирија.
Трамп кон крајот на март изјави дека американските сили наскоро ќе се повлечат од Сирија, додавајќи дека тој момент е многу близу, и нагласи дека другите треба повеќе да се позанимаваат со таа земја.