Ekipa
22 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
ГАЗА (АА) - Претставниците на ривалските палестински групи Хамас и Фатах треба да се состанат денес во Турција на разговори за забрзување на меѓупалестинското помирување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерот на Хамас, Халил ал Хаја, рече дека разговорите имаат за цел да ги спроведат резултатите од претходниот состанок меѓу генералните секретари на двете ривалски фракции, што се одржа во Рамала и Бејрут на почетокот на овој месец.
„Хамас е заинтересиран за постигнување национално единство со надеж дека ќе постигне сеопфатна национална стратегија за соочување со предизвиците и заговорите што се насочени против палестинската кауза“, рече тој во изјавата.
За време на нивниот состанок на 3 септември, Хамас и Фатах се согласија за низа прашања, вклучително и за решавање на нивниот спор и зачувување на принципот за мирен трансфер на власта преку избори засновани на пропорционална застапеност.
Портпаролот на Фатах, Мунир ал Џахуб, претходно на Твитер напиша дека делегацијата на неговата група ќе се состане со претставниците на Хамас за да дискутираат за ставање крај на палестинската поделба и за имплементирање на резултатите од состанокот на 3 септември.
„Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, вчера телефонски разговараше со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кого го замоли за помош во тековните преговори за решавање на палестинскиот спор“, јавува палестинската државна новинска агенција „Вафа“.
Денешните разговори се одржуваат неколку дена по потпишувањето на договорите за воспоставување дипломатски односи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин со Израел, со посредство на САД.