Vakkas Doğantekin
26 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ужива големи симпатии и поддршка во Израел, поголеми дури и од оние во сопствената држава, пишува Anadolu Agency (AA).
Трамп симпатиите и поддршката на Израелците ги освои најмногу со минатогодишното признавање на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел, со преместувањето на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим и со вчерашното признавање на израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина.
Сите тие еднострани одлуки на Трамп наидоа на негодување и осуди од меѓународната заедница, особено од Обединетите нации и Европската Унија.
Иако израелските лобисти во 2016 година беа скептични со кандидатурата на Трамп за 45. претседател на САД, тој веднаш по доаѓањето на власт се наметна како долгоочекуван израелски активист кого во тоа го поддржува и зетот и советник Џаред Кушнер, кој има длабоки ционистички врски.
Трамп се „одбрани“ и во двегодишниот притисок на демократите кои го обвинуваа за поврзаност со Русија во предизборната кампања, а во неделата беше изречена и официјалната пресуда дека немало никаква тајна соработка од таков вид. Голем број соработници на Трамп се натпреваруваат во борбата за израелска поддршка и добри односи, а за да ја постигнат целта, во таа трка лесно преминуваат преку изградбата на нелегалните еврејски населби на Западниот Брег и убивањето на цивилите во Газа.
Администрацијата на Трамп минатата година го прекина годишното издвојување на 65 милиони долари за Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA). Во февруари оваа година Трамп ја прекина секоја американска помош за Палестинците на окупираниот Западен Брег и во блокираната Газа, со што додатно стекна углед во Израел.
Американскиот Стејт департмент ја затвори и канцеларијата на Палестинската ослободителна организација во Вашингтон поради наводниот неуспех во обновата на блискоисточните мировни преговори. Палестина го осуди тој американски потег и го нарече своевидно прогласување војна.
Трамп минатата годна исполни уште една желба на Израел, еднострано повлекувајќи ги САД од меѓународниот Договор за иранската нуклеарна програма и обновувајќи ги санкциите кон Техеран.
Израелската јавност со воодушевување ја дочека и антимуслиманската реторика која Трамп започна да ја практикува во 2016 година, кога забрани влез во САД на државјаните на неколку муслимански земји.
Паралелно со тоа, Трамп ги зајакна врските со заливиските земји, а сѐ во корист на стратегијата на израелските власти за изградба на произраелски блок во тој регион.
Охрабрен со политичкиот дискурс на Трамп, Израел повеќе и не зборува за меѓународно поддржаното решавање на блискоисточната криза врз основа на основање на две независни и суверени држави.