Associated Press
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
КАБУЛ (АА) - Најмалку 107 лица загинаа во лавините што во претходните неколку дена се случија на поширокото подрачје на Авганистан, предизвикани од снежната бура, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Министерството за хуманитарни работи и управување со вонредни состојби, Омер Мухамади, утрово соопшти дека во снежните лавини загинале најмалку 107 лица, а 65 повредени се хоспитализирани.
Обилните снежни врнежи во неколку авганистански покраини ги урнаа повеќедецениските рекорди, а тоа предизвика блокада на поголем број од патиштата, прекин на електричната енергија и блокада на голем број градови и населби. Најмалку 150 станбени објекти се уништени и затрупани од лавини.
Во моментов, од снежната бура најтешко е погодена покраината Нуристан, која се наоѓа на авганистанско-пакистанската граница. Во тој регион, две села во потполност исчезнаа под снегот, од каде што спасувачките екипи досега ги извлекоа телата на 48 загинати.
Претседателот на Авганистан, Мохамад Ашраф Гани вчера претседаваше со вонредниот состанок на државниот врв, каде што нареди сите институции и служби да бидат во приправност, за да може да им се помогне на луѓето на теренот.
Рекордните обилни снежни врнежи ја погодија и провиницијата Кандахар, а четирите главни патишта што го поврзауваат Кабул со остатокот од земјата се во потполност затрупани со снег и блокирани за сообраќај. Снежната бура е причина и за откажувањето на поголем број летови од меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул.