Meryem Göktaş
11 Март 2018•Ажурирај: 12 Март 2018
АНКАРА (АА) - Двајца членови на семејството на првиот демократски избран претседател на Јужноафриканската Република и познат борец против апартхејдот во Јужна Африка, Нелсон Мандела, ветија дека ќе го кренат својот глас за сириските жени затворени од режимот на Башар ал Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници Сиријки сеуште се наоѓаат во затворите во областите контролирани од режимот и трпат тортура и силување.
Во интервју за Anadolu Agency (AA), Рајна Рос Мендела-Пери и Нодијала Мандела, снаа и внука на Нелсон Мандела, зборуваа за нивното искуство во женскиот конвој наречен „Меѓународен конвој на совеста“, во кој тие учествуваа, а кој беше со цел протест против прекршувањето на човековите права на тие затворени жени.
„Мојата порака за сириските жени е дека тие треба да останат силни и да се надеваат дека ќе се случи најдоброто“, изјави Мандела-Пери, снаата на Нелсон.
„Кога господин Мандела беше во затвор тој беше само позитивен и си велеше себеси: 'Ќе излезам од тука'. Што и да мислите, кога сте силни и верувате во она што го велите, тоа и ќе се случи“, вели таа и додаде:
„Мора да продолжиме со овој конвој и понатаму “.
Првиот црномурест претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела, помина 27 години во затвор.
- „Меѓународен конвој на совеста “ -
„Меѓународниот конвој на совеста“ го заврши своето тридневно патување, со последен собир во четвртокот во знак на одбележување на Меѓународниот ден на жената во југоисточна погранична област Хатај.
Конвојот, во кој учествуваа жени од 50 земји, помина и низ турските градови Измир, Сакарја, Анкара и Адана.
Мандела Пери изјави дека конвојот симболизира дека Сиријките не се сами ниту заборавени.
Таа изјави дека ја погодила приказната на една Сиријка која трпела тортура во еден од тие затвори.
Таа била уапсена заедно со нејзиниот сопруг и била измачувана заедно со него.
„Тоа е најлошата болка; да имате некој кој е многу блиску до вас (да е измачуван), сметате дека сакате да помогнете, но во исто време сте и беспомошни“, рече таа.
Таа вели дека доколку Мандела бил жив ќе им рекол на тие жени да останат силни, дека ништо не е невозможно и дека тие ќе бидат ослободени.
Нодијала Мандела изјави дека ќе продолжи да пружа поддршка за конвојот и неговата цел.
„Сето она што го обединува светот е моќно и мислам дека после овој конвој, оваа кампања претставува вистински успех. Ние само се надеваме и се молиме секој ден дека тоа ќе влијае“, вели таа.
Таа изјави дека ќе викаат најгласно се додека тие жени не бидат ослободени, бидејќи тие секој ден трпат различни видови на измачување без разлика дали станува збор за емоционално, физичко или психичко малтретирање.
Според извештајот на Меѓународниот конвој на совеста во моментот над 6.700 жени од кои над 400 млади девојки сеуште живеат во затворите на Асад.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост на про-демократските протести.
Оттогаш, според ОН, повеќе од 250.000 лица се убиени а над 10 милиони лица се раселени.