Besar Ademi
20 Октомври 2017•Ажурирај: 21 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Министерството за труд и социјална политика и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во присуство на десетици претставници на невладините организации, се одржа јавна дебата за измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација, јавува Anadolu Agency (АА).
Со овој закон се уредува општата забрана за дискриминација, формите и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација и составот и работата на Комисијата за заштита од дискриминација.
Поранешниот судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца-Николовска, која придонесе за текстот со неколку предлози за измена и дополнување на овој закон, изјави дека овие предлози се фокусирани на проблемите на постојниот закон.
„Овој закон сам по себе сигурно ќе предизвика потреба од одредени промени во другите закони каде што може да дојде до некоја дискриминација. Тие закони имаат некои одредби, меѓутоа тие одредби е прашање колку ќе бидат компактибилни со Законот за спречување дискриминација“, рече Николовска.
Николовска, повикувајќи се на некои недостатоци од сегашниот закон, додаде дека секој закон секогаш може да се подобри и да биде посоодветен.
Инаку, целта на Законот за спречување и заштита од дискриминација е да се обезбеди принципот на еднаквост, спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата и слободите гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите, и во ратификацијата на меѓународните договори.