Mustafa Melih Ahıshalı
08 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
КАБУЛ (АА) - МУСТАФА МЕЛИХ АХИСХАЛИ -
Зголемувањето на економските проблеми во Авганистан уште повеќе ја влоши состојбата на луѓето кои се борат со сиромаштијата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во земјата голем број луѓе се лишени од основните прехранбени производи. Сиромашните луѓе, кои не можат да си дозволат да купат леб, бараат леб од муштериите кои доаѓаат во пекарниците, чекајќи со часови.
Нападот на Советскиот Сојуз врз Авганистан во 1979 година, потоа муџахединските групи кои се бореа меѓусебно, војната против талибанците следните години, како и 20-годишната окупација на САД придонесоа економијата во земјата да биде влошена.

Како резултат на речиси 40 години нестабилност, економијата на Авганистан го допре дното. Луѓето имаат потешкотии да ги задоволат своите основни потреби.
И покрај тоа што безбедносните проблеми се намалија со преземањето на земјата од страна на талибанците на 15 август, на економијата во земјата негативно влијае конфискацијата на парите на Авганистан во меѓународните банки од страна на САД и фактот што администрацијата на талибанците сè уште не е официјално призната на меѓународно ниво.
Лошата економска состојба во Авганистан од ден на ден сè повеќе го зголемува бројот на сиромашни во земјата.
Сиромашните и покрај студеното време со часови чекаат пред пекарниците со надеж дека некој од муштериите ќе им даде леб.
- „Во нашата куќа нема никаков вид храна“ -
Шекиба Шукур во изјава за дописникот на АА рече дека пред пекарницата чекаат по околу 3 часа дневно.

„Мојот сопруг е инвалид, јас се грижам за моето 11-члено семејство. Секоја вечер чекам овде за 11 леба. Некои од муштериите ни даваат леб, некои пак не даваат. Живееме во шатори. Навечер јадеме леб, наутро пиеме чај без леб“, нагласи Шекиба Шукур.
Истакнувајќи дека нејзините деца во студениот шатор го чекаат лебот што ќе го донесе, Шекиба рече: „Во нашата куќа нема никаков вид храна. Доаѓа и зимата. Немаме друга надеж освен од Алах.“
- „Тука чекам леб затоа што морам“ -
Фериде Шахзаде, која работи како готвачка во училиште, наведе дека платата не ѝ е доволна за живот, па навечер чека пред пекарницата за да обезбеди леб.
„Живеам во Кабул. Имам 6 деца, немам сопруг. Чекам пред пекарницата да најдам леб. Јас сама го издржувам семејството. Работам како готвачка во училиште. Платата што ја земам не ја покрива киријата и трошоците на моите деца. Тука чекам за леб затоа што морам“, рече Шахзаде.
Мава Нијази, наведувајќи дека не се питачи, рече дека чека пред пекарницата бидејќи се во тешка ситуација и дека не знае дали некој ќе им даде леб или нема да им даде.

„Сите што чекаат овде имаат економски проблеми. Ние не сме питачи. Со доаѓањето на талибанците на власт, луѓето станаа невработени. И тие што имаат работа не можат да земат плата. Веќе 4 месеци не можеме да ја платиме киријата за нашата куќа. Сувиот леб што го земам одовде го јадеме со чај или вода. Моите деца немаат храна и облека. Се трудиме да живееме со сув леб“, нагласи Мава Нијази.
Пекарот од Кабул, Метинулах Сафији, истакна дека од ден на ден се зголемува бројот на луѓе кои молат за леб пред пекарницата.
„Економската ситуација во Авганистан е многу лоша. Имаме многу сиромашни луѓе. Секој ден седат пред пекарницата и на муштериите им велат: ‘Дај ми леб, дај ми леб‘“, додаде Сафији.
Наведувајќи дека бројот на луѓе кои просат за леб во некои денови се зголемува на 15-20, Сафији рече:
„Јас им давам на овие луѓе по 50-60 леба дневно. За залак леб на ова студено време седат пред пекарницата со часови. Нивната финансиска состојба е многу лоша. Така е секој ден. Оваа сцена ја отсликува ситуацијата во Авганистан. Бројот на овие луѓе се зголеми во последните 3 месеци. Порано не беше вака.“