Mehmet Yılmaz,Aşkın Kıyağan
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
ВАРШАВА (АА) - Заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Пјотр Вавжик, изјави дека Белорусија се подготвува за провокација на границата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за полското радио, Вавжик ја обвини белоруската Влада за објавувањето фотографии на социјалните мрежи од голем број мигранти кои се обидуваат да преминат од Белорусија во Полска.
Истакнувајќи дека ситуацијата на полско-белоруската граница може да се влоши, Вавжик нагласи: „Белоруските власти се обидуваат да ја ескалираат ситуацијата на границата. Последните случувања покажуваат дека тие сакаат да создадат голем настан што може да резултира со смрт.“
Потврдувајќи ја веста дека стотици баратели на азил маршираат кон полско-белоруската граница, Вавжик рече: „И полските власти имаат слични информации. Веројатно се планира присилно преминување на границата. Полските власти ќе одговорат пропорционално на ситуацијата.“
Се наведува дека полскиот премиер Матеуш Моравјецки попладнево ќе одржи состанок со надлежните министри поради кризната ситуација.
Од друга страна, полското Министерство за одбрана на официјалниот твитер-профил сподели видеа на кои се гледа движењето на мигрантите на границата и се забележува дека безбедносните сили ги спречиле бегалците да ја преминат границата.
- Белорусија изјави дека нема да ги задржува мигрантите -
Во својот говор на 6 јули, Лукашенко, потсетувајќи на процесот за суспендирање на Договорот за реадмисија со ЕУ, рече дека по ставовите на Западот кон Русија и Белорусија тие веќе не можат самите да ги преземат луѓето што бегаат од војните.
Нагласувајќи дека нема да ги задржат бегалците што доаѓаат во Белорусија за да одат во Европа, Лукашенко додаде: „Оние кои мислат дека ќе ги затвориме границите со Полска, Литванија, Латвија, Украина и ќе станеме „населено место“ за бегалците од Авганистан, Иран, Ирак, Либија, Сирија и Тунис, грешат. Ние нема да задржиме никого. Тие не доаѓаат кај нас, тие одат во просветлена, топла, удобна Европа.“
ЕУ ја обвинува белоруската администрација дека „ја користи нерегуларната миграција како алатка и дека се обидува на овој начин да ја дестабилизира Унијата“ со испраќање мигранти од земји како што е Ирак до границите на земјите на ЕУ, Полска, Литванија и Латвија.