Kerem Kocalar,Zuhal Kocalar
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Група од 250 Сиријци се врати во северниот сириски регион Џарабулус, откако тој беше расчистен од припадниците на терористичката организација ДАЕШ и ПКК/ПЈД во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која ја спроведува Слободна сириска армија со поддршка на Турските вооружени сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ започна на 24 август и трае веќе 15 дена. Остварен е голем успех затоа што терористите на ДАЕШ се одвоени од турската граница и отворен е важен коридор помеѓу Азаз и Џарабулус.
Бегајќи од војната во Сирија, група Сиријци пронајде засолниште во турскиот Газиантеп. По ослободувањето на Џарабулус, тие побараа да се вратат во своите куќи. Од канцеларијата на гувернерот на Газиантеп добија позитивен одговор, и група од 250 лица меѓу кои има жени и деца, дојдоа до граничниот премин Каркамиш.
Извршени се безбедносни контроли, а потоа групата е испратена до Џарабулус. Меѓу нив се наоѓа и Хусеин Рустем, кој исто така е возбуден бидејќи по една година се враќа во својот дом.
„Местото каде што живеевме е исчистено од терористите и затоа се враќаме. Ни недостигаат родителите. Семејството ни е таму, во Турција бев сам. Велат дека нема повеќе војна таму и затоа се враќам. Им благодарам на турските војници, му благодарам на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Нѐ спасија од ДАЕШ“, вели Рустем.
И семејството Махмуд е едно од оние што одлучија да се вратат во своите домови. Со нив е нивното десетмесечно бебе, кое е родено во Турција, каде што живееле 18 месеци.
Живееле во Каркамиш, а сега ова десетмесечно бебе за првпат ќе го види местото каде што се родени неговите родители – татковината.
Мајката Фатима Махмуд за АА изјави дека нејзиниот маж се бори на страната на Слободната сириска армија.
„Се бори за нашиот мир и безбедност“, истакна таа.
Среќна е затоа што со своите пет деца се враќа дома. Десетмесечниот Мухамед за првпат ќе ја види својата куќа.
„Турција, која досега нѐ поддржуваше во секоја смисла, сега ни ја спаси нашата татковина“, додаде Фатима.