?kipa
05 Ноември 2017•Ажурирај: 05 Ноември 2017
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ / ЕШРЕФ МУСА - Опасноста од заразни и смртоносни болести во Идлиб, северна Сирија, се зголемува, поради немање инфраструктура и канализациона мрежа во бегалските кампови кои се наоѓаат во регионот, пишува Anadolu Agency (AA).
Цивилите кои се населени во Идлиб во близина на границата со Турција бегајќи од воздушните напади на Асадовиот режим во Сирија, се борат за живот во тешките услови во камповите кои тие самите ги изградиле.
Поројните врнежи од дожд кои започнаа со намалување на температурите, предизвикуваат прелевање на септичките јами во камповите во северниот дел на Идлиб, при што нечистата вода се меша со водата за пиење.
Отпадните води, кои се мешаат со водата за пиење, предизвикуваат заразни болести како колера, тифус, дијареја, дизентерија, полио, микоза, шуга, хепатитис и маларија.
„Со доаѓање на зимата се зголемува бројот на болните. Семејствата мора да внимаваат колку што можат на чистотата на децата. Ако не, оваа состојба може да предизвика наследни болести, дури и смрт“, истакна во изјава за АА д-р Халит Халум од болницата „Hand and Hand“ во областа Атме кадешто живеат голем број бегалци.
Халум пренесе дека моментално постојат случаи на децата заболени од интестинална инфламација, хепатитис и дијареја.
- „Сакаме водоводна и канализациона мрежа“ -
Директорот на кампот „Ел Мунтасир“ во подрачјето на Атме, Кемал Халил, упати апел до хуманитарните организации. „Отпадните води кои по дождовите се мешаат со водата за пиење предизвикуваат болести кај луѓето во кампот. Можат да се појават исклучително опасни болести кои резултираат со смрт. Сакаме хуманитарните организации да ја поправат водоводната и канализационата мрежа во кампот“ рече тој.
Халил пренесе дека возилата за итна помош не можат да влезат во регионот за да ги носат болните поради неасфалтираните калливи патиштата. Тој вели дека жителите на кампот ги носат болните на грб до одредени места.
Околу 500 илјади цивили живеат во 200 шаторски населби на граничната линија меѓу Турција и Сирија. Поголемиот дел од шаторските населби опстојуваат од хуманитарната помош на Турција.