Ethem Emre Özcan,Eşref Musa
04 Август 2021•Ажурирај: 05 Август 2021
ДЕРА (АА) - Силите на режимот на Башар ал Асад со минофрлачки гранати ја погодија џамијата во населбата Дера ел-Белед, во градот Дера кој се наоѓа во јужниот дел на Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Продолжуваат нападите на режимските сили, составени од Армијата на режимот на Асад и групите поддржани од Иран, за да ја зајакнат својата доминација во Дера ел-Белед.
Според соопштението споделено на социјалните медиуми на Заедницата за слободи „Хоран“, основана од активисти и новинари од Дера, минофрлачка граната исфрлена од страна на режимските сили ја погодила џамијата „Сад бин Еби Ваккас“ за време на пладневната молитва.
Во соопштението се наведува дека нема загинати, а дека предизвикана е материјална штета на џамијата.
- Што се случи во Дера?
На 25 јуни, режимот на Асад и неговиот поддржувач Русија побараа од луѓето што живеат во населбата Дера ел-Белед и тамошната опозиција да го предадат целото лесно оружје што го поседуваат и да дозволат претрес на куќите.
Центарот за помирување во Дера и истакнатите луѓе од регионот се спротивставија на ова барање со образложение дека го прекршува договорот постигнат со режимот на Асад во јули 2018 година, под посредство на Русија. Договорот предвидува предавање на тешкото оружје.
Потоа на 25 јуни, силите на режимот на Асад почнаа да наметнуваат блокада на приближно 40.000 цивили кои живеат во населбата Дера ел-Белед.
На 26 јули беше постигнат договор помеѓу делегацијата на силите на режимот од Асад и Центарот за помирување во Дера дека луѓето што живеат во населбата Дера ел-Белед и воената опозиција таму треба да го предадат сето свое лесно оружје, да дозволат да бидат претресени куќите и да се укине блокадата.
Но, тензијата се прошири на источните и западните рурални зони во Дера, откако режимот на Асад, излегувајќи од договорот, започна копнена операција утрото на 29 јули, за да ја зајакне својата доминација во населбата.
Како резултат на судирите меѓу страните, локалната вооружена опозиција во Дера зазеде многу контролни пунктови што припаѓаат на режимските сили и зароби некои режимски елементи.
Откако преговорите помеѓу делегацијата на силите на режимот од Асад и Центарот за помирување во Дера, што се одвиваа под надзор на Русија, пропаднаа, режимските сили веќе една недела со минофрлачки гранати и тенкови ја напаѓаат населбата.
Со проширување на бранот „Арапска пролет“ на Блискиот Исток, фитилот од народното востание во Сирија започна на 15 март 2011 година во Дера, кога група ученици на училишниот ѕид напишаа: „О, докторе (Башар ал Асад), сега вие сте на ред.“
Со текот на годините градот премина под контрола на опозицијата.
Режимот во Дера, која беше предмет на блокада и интензивни напади, започна преговори со опозицијата во јули 2018 година, со посредство на Русија. Оние што сакаа да останат во регионот го потпишаа договорот за компромис и им го предадоа своето тешко оружје на режимските сили. Некои групи што одбија да направат компромис со присилна миграција беа испратени на север од земјата.
Опозициските групи кои не ја напуштија Дера се присутни во некои од регионите каде што влегоа режимските трупи и поседуваат лесно оружје.