Rania R.a. Abushamala
06 Август 2025•Ажурирај: 06 Август 2025
Cирија денес потпиша серија инвестициски меморандуми во вредност од 14 милијарди долари со неколку странски компании, кои опфаќаат 12 големи стратегиски проекти, пренесува Анадолу.
Церемонијата на потпишување се одржа во Народната палата во Дамаск, во присуство на претседателот Ахмед ал-Шара, објави државната новинска агенција САНА.
Талал ал-Хилали, директор на Сириското инвестициско тело, рече дека договорите вклучуваат договор од 4 милијарди долари со катарскиот „УЦЦ Холдинг“ за развој на Меѓународниот аеродром во Дамаск, договор од 2 милијарди долари за метрото во Дамаск со националната инвестициска корпорација на ОАЕ и договор од 2 милијарди долари за кулите во Дамаск со италијанската УБАКО.
Тој рече дека Сирија, исто така, потпишала договор од 500 милиони долари за проектот „Кули Барамке“ и уште еден договор од 60 милиони долари за трговскиот центар Барамке.
За време на церемонијата специјалниот претставник на САД во Сирија, Томас Барак, ја опиша Сирија како земја што продуцира големи лидери, истакнувајќи дека Дамаск бил центар на трговијата и транспортот илјадници години.
Башар ал-Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, избега во Русија во декември, со што заврши режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Во јануари беше формирана новата преодна администрација предводена од Ал-Шара.