İlker Girit
16 Април 2017•Ажурирај: 17 Април 2017
ИСТАНБУЛ (AA) – Најмалку сто луѓе загинаа во нападот на конвој кој ги евакуираше цивилите и војниците од двата опколени града во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога припадниците на цивилната заштита стасаа на лице место остранија повеќе од сто тела. Меѓу загинатите имаше највеќе жени и деца", рече за АА Амар ал-Селмо, шефот на службата на цивилната заштита.
Рече дека цивилната заштита добила информација за експлозија во четири часот по локално време, додавајќи дека најмалку 40 луѓе се повредени.
Претходно, Мехмет Суајип Алтун, координатор на теренот на Хуманитарната фондација за помош (ИХХ) од Турција рече дека десетици луѓе се убиени во експлозија која го погоди конвојот за евакуација во квартот Рамусе во Алепо.
Според информациите до кои дојде АА, конвојот кој од регионот на Мадаја и Зебадани, западно од Дамаск, превезувал 2.350 цивили, доцна синоќа стасал до Рамусе, место кое е под контрола на режимот на Башар ал-Асад. Се работи за конвој од околу 60 автобуси, кои на контролната точка во Рамусе чекаше од еден час по полноќ.
Во исто време, од регионот Фуа и Кефреј кои се под контрола на режимските сили во Идлиб, утрово стасаа околу пет илјади цивили во делови од западен Алепо, поточно во квартот Рашидин.
Договорот за размена помеѓу режимот на Асад и опозициските сили од 30. март подразбира евакуација на илјадници цивили и борци од опколените подрачја на Сирија.