Adham Kako,Levent Tok,Mohamad Misto
04 Јануари 2018•Ажурирај: 05 Јануари 2018
ИСТОЧНА ГУТА / АНКАРА (АА) - Синоќа врз подрачјето на Источна Гута кое е под опсада на режимот на Асад, беа извршени интензивни бомбардирања со воени авиони. Во нападите, според првичните информации, животот го загубија најмалку 20 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде АА во Источна Гута, цивилното население во местата Дума и Хараста и појасите Кефер Батна, Сакбе, Мерџ, Медјере, Арбин, Мисраба, Хамурије, Бејт Сава и Ајн Терма, било изложени на интензивни копнени и воздушни напади.
Цивилната заштита соопшти дека руските воздухопловни сили, давајќи им поддршка на воздухопловните сили на режимот кои под опсада го држат подрачјето на Источна Гута, извршија обемно бомбардирање на подрачјата на кое живее цивилно население.
Воените авиони синоќа извршија напади врз појасот Мисраба во Источна Гута. Во нападот животот го загубија 11 лица, меѓу кои и еден припадник на Цивилната заштита.
Според првичните податоци, од воздушните напади во појасот Арбин, животот го загубиле 6 цивили, додека во воздушните напади изведени врз појасот Бејт Сава загинаа тројца цивили од кои две деца.
Спасувачките екипи работат на теренот во потрага и спасување на цивилите. Постои загриженост дека бројката на загинати може да се зголеми.
На подрачјето на Источна Гута, кое е под повеќегодишна опсада од страна на силите на режимот, живеат околу 400.000 цивили, од кои половината се деца.
Иако Источна Гута на состанокот во Астана е прогласена за зона без судири, веќе 8 месеци траат опсадата и бомбардирањата на ова подрачје, факт на којшто меѓународната заедница останува нема. Хуманитарната криза се зголемува со секој изминат ден. Потребна е евакуација на илјадници болни, а за 600 од нив неопходна е итна евакуација.
Поголемиот дел од нив се деца или пациенти заболени од рак, чија болест е во поодминат стадиум. Досега, поради недостаток на храна и лекови починаа голем број деца од Источна Гута.