Halit Süleyman
23 Ноември 2016•Ажурирај: 24 Ноември 2016
АЛЕПО (АА) - Маџид ел Есвед е болен од целијакија и живее во сирискиот град Алепо, кој е под опсада на режимот. „Веќе два дена, децата од мене бараат јаболка. А пак јас им велам: ‘кога ќе се отворат патиштата, ќе ви донесам’. Верувајте, заборавивме како изгледа јаболкото“, јавува Anadolu Agency (AA).
Источниот дел на Алепо од 4 септември е под опсада на режимот. Во градот нема никаква хуманитрана помош, а како последица на бомбардирањата, фурните веќе една недела се затворени.
Со бомбардирањето на последната активна болница, голем број повредени и болни беа препуштени на нивната судбина.
Еден од жителите на градот, Маџид ел Есвед, во разговор за АА рече дека во детството ја добил болеста целијакија, а сега пак, поради слабата исхрана болеста се повторува.
„Поради исхраната пред опсадата можев да стојам на нозе. Сега со секој поминат ден се топам“, вели Есвед.
Есвед се плаши дека ако продолжи опсадата, болеста може да се претвори во канцер.
„Секој ден градот е бомбардиран. Кој ќе ме извлече мене ако го бомбардираат местото каде што се наоѓаме сега. Не можам да одам, веќе не можам да стојам на нозе“, загрижено вели Есвед.
Тој додава: „Не можеме да најдеме ниту лекови за кашлица, ниту млеко за децата. Ситуацијата е многу лоша“.
Есвед истакна дека децата се повеќе загрозени од опсадата: „Веќе два дена, децата од мене бараат јаболка. А пак јас им велам: ‘кога ќе се отворат патиштата, ќе ви донесам’. Верувајте, заборавивме како изгледа јаболкото“.
Болеста целијакија кај болните предизвикува замор, повраќање, болки во стомакот и надуеност.