Esra Kaymak
23 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Стејт департмент вчера одби да коментира за тоа дали антиамериканските чувства во Турција би можеле да бидат поврзани со континуираниот престој во САД на организаторот на обидот за државен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Запрашан од новинарите на Anadolu Agency, дали престојот на Фетула Ѓулен во САД го поттикнува тоа чувство, портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, изјави дека не би сакал да шпекулира.
„Не можам и нема да влезам во умот на турскиот народ или на турските официјални лица“, изјави тој повторувајќи дека САД немаат апсолутно ништо со тој обид за државен удар.
„САД продолжуваат да ја поддржуваат демократски избраната власт на Турција и да остваруваат блиска соработка со неа како членка на коалицијата против ДЕАШ“, вели Кирби.
Фетула Ѓулен е лидер на терористичката организација ФЕТО, а живее во Пенсилванија, САД уште од 1999 година и стои зад обидот за државен удар.
Неколку турски официјални лица, вклучувајќи го и министерот за правда, наведоа разузнавачки информации кои укажуваат дека Ѓулен планира да побегне од САД во друга земја што нема договор за екстрадиција со Турција.
Кирби одби да одговори на прашањето за тоа дали САД има преземено безбедносни мерки за да обезбеди Ѓулен да не избега од државата.
„Тоа е прашање за Одделот за правда, не за Стејт департментот“, изјави тој.
Ден претходно, Кирби одговори на прашање, обвинувајќи ги мнозинството турски медиуми дека не сториле ништо за да го спречат верувањето оти САД стои зад неуспешниот обид за државен удар.