Ahmet Gürhan Kartal
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
ЛОНДОН (АА) - Синот на престолонаследникот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) е пронајден мртов во неговиот дом во Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Халид ал Касими е основач на моден бренд, а имаше и ревии на негови колекции во Лондон и Париз.
Триесет и деветгодишниот син на емирот на Шарџа е пронајден без знаци на живот во бањата во неговиот дом во Сасекс, а лондонската полиција изјави дека неговата смрт се третира како „необјаснета“.
Неговиот татко, шеикот Султан бин Мухамед ал Касими, на социјалните мрежи напиша дека Халид „е во божји раце“.
„Халид беше познат по неговото истрајно и сензитивно истражување на општествено-политички прашања поврзани за Блискиот Исток, но и за односите со Западот, тема многу блиска до неговото срце и неговото воспитување“, се вели во соопштението на Инстаграм.
„Неговата цел беше да се создаде свет на прекрасно изработени производи преплетени со културни, општествени и политички обележја, со цел да информираат и инспирираат“, се додава.
Обединетите Арапски Емирати прогласија тридневна жалост поради смртта на Ал Касими.
„Претседателот, Неговото Височество Шеик Калифа бин Зајед ал Нахјан, изрази жалење за смртта на шеикот Халид бин Султан бин Мухамед ал Касими, синот на владетелот на Шарџа, со молитва до Семоќниот за покој на неговата душа, и за трпение и утеха на неговото семејство“, се вели во соопштението на Министерството за претседателски работи на ОАЕ.
Смртта на Ал Касими доаѓа 20 години откако неговиот постар брат, шеикот Мухамед бин Султан бин Мухамед ал Касими, почина од предозирање со дрога на возраст од 24 години во семејниот дом во Источен Гринстед, Западен Сасекс, Велика Британија.