Enes Canlı
19 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
ТРИПОЛИ (AA) - Силни експлозии одекнаа во главниот град на Либија, Триполи, над јужните квартови на градот се издигнува густ облак од чад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на силите лојални на меѓународно признатата Влада за национално единство во Либија, Албдул Малик ал Медени, за АА рече дека нелегитимните сили лојални на Хафтар го прекршиле примирјето и ги гранатирале јужните квартови на Триполи.
Тој рече дека владините сили одговориле на нападите и ја ставиле ситуацијата под контрола.
Сепаратистите на Хафтар ги гранатираа нафтните танкери во местото Халатата, а сѐ уште се слуша одекнување на експлозии во јужниот дел на Триполи.
Либија е упориште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година и соборувањето на Муамер Гадафи од власта. Оттогаш траат тензиите во двата спротивставени табори. Владата на национално единство со седиште во Триполи ја има поддршката од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно ги поддржуваат Египет и ОАЕ.
Сепаратистичките сили на Хафтар од април минатата година изведуваат напади со цел заземање на Триполи.
На повик на лидерите на Турција и Русија, Ердоган и Путин, во Либија на 12 јануари е воспоставено примирје.
Токму денес во главниот град на Германија, Берлин, се одржува самит на кој се собраа светските лидери за да разговараат за воспоставување трајно примирје и изнаоѓање политичко решение за повеќегодишната криза во Либија.
Домаќините на Самитот, германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги дочекаа учесниците на Самитот на влезот во седиштето на германската Влада.
На конференцијата учествуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Русија, Владмир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и египетскиот претседател Абдел Фетах ал Сиси, како и премиерите на Велика Британија и Италија, Борис Џонсон и Џузепе Конте.