Şerife Çetin,Yusuf Hatip
19 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
БЕРЛИН (AA) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ја повика меѓународната заедница на итно и решително делување за да се спречи ширење на граѓанската војна во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се собравме тука поради прашањето кое бара итна реакција. Треба да ја запреме лошата спирала во Либија", порача Гутереш во воведно излагање на самитот кој се одржува во Берлин.
Целта на самитот во Берлин е воспоставување трајно примирје и трагање за политичко решение кое би ги запрело судирите и би ја сочувало територијалната целовитост на Либија.
Гутереш рече дека пред година дена на либискиот народ му е испратена порака да го започне политичкиот процес, но дека тогаш надежите „паднале во вода", и дека илјадници луѓе страдале во судирите во Триполи.
„Меѓународно хуманитарното право во Либија е кршено повеќе пати. Присилно се раселени повеќе од 170 илјади луѓе. Во Триполи се затворени 220 училишта и 116.000 деца се лишени од основното право на образование", рече Гутереш.
Шефот на Обединетите нации Гутереш исто така рече дека меѓународната заедница треба да ја заврши страшната хуманитарна драма која ја проживувааат раселените во Либија.
Истакнувајќи дека судирите во Либија дополнително ќе ескалираат со вклучување на странските актери, Гутереш рече дека целиот регион е соочен со отворен ризик од пораст од тензии.
„Воено решение во Либија не е можно. Итно треба да одлучиме да реагираме за да спречиме распламтување на граѓанската војна во цела Либија", порача Гутереш и предупреди дека ескалација на војната и поделба на Либија, би одела во корист на јакнење на тероризмот и криумчарење со дрога и луѓе.
Гутереш ги повика сите релевантни страни директно или индиректно да помогнат во прекинот на судирите и пронаоѓање на мирно решение на кризата во Либија. Тој ги повика и страните од Либија на воспоставување на конструктивен дијалог.