Halit Süleyman
18 Септември 2017•Ажурирај: 18 Септември 2017
ДАМАСК (АА) - Едно дете загина, а 11 цивили се ранети во нападите на припадниците на сирискиот режим на претседател Башар ал Асад во Источна Гута, која е прогласена за една од зоните без судири, јавува Anadolu Agency (AA).
Омер Ебу Убејде, од одделот за медиуми на цивилната заштита (Бели беретки) во Дума, за АА изјави дека припадниците на режимските сили извршиле напад на подрачјата Кефер Батна и Сакба.
„Едно дете загина, а ранети се 11 цивили, меѓу кои има жени и деца“, изјави Убејде.
Според неговите зборови, режимските сили го напаѓаат подрачјето на Источна Гута, која подолг период е под контрола на опозицијата.
„Во копнените напади на режимските сили страдаат само цивили“, изјави Убејде.
Активист од Дума, Амар Ебу Сејф, исто така изјави дека припадниците на режимот не се придржуваат до примирјето.
Тој изјави дека силите на Асад прават напори да се пробијат до населбите Џобар, Ајн Терма и Арбин.
„Силите на Асад во секој обид за пробивање во подрачјето на Источна Гута имаат големи загуби и се повлекуваат. За нивните неуспеси пред војската на опозицијата се одмаздуваат со напаѓање на населбите во коишто живеат цивилите“, вели Сејф.
Подрачјето на Источна Гута, од која дел се населбата Џобар и подрачјата Ајн Терма и Арбин, а припаѓа на Дамаск, веќе подолго од пет години е под опсада на режимските сили.
Режимските сили настојуваат да го одвојат Џобар од Ајн Терма и да постават опсада.
Источна Гута е прогласена за зона без судири кога на почетокот на мај, во Астана, делегациите на Турција, Русија и на Иран постигнаа договор за примирје за четири локации на сирискиот регион. Русија претходно соопшти дека примирјето на тоа подрачје настапило на 22 јули.