Zehra Ulucak
18 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Куќата во којашто американскиот претседател Доналд Трамп го поминал детството, минатиот викенд е изнајмена за сместување на бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународната организација за борба против сиромаштијата „Oxfam“ изнајми куќа во Њујорк од агенцијата „Airbnb“ по цена од 725 долари на ден, а целта на овој потег е во пресрет на заседанието на Генералното собрание на ОН да се укаже на проблемите на бегалската популација.
„Сакавме да испратиме силна порака до Трамп и до другите светски лидери дека треба да сторат повеќе за решавање на бегалската криза“, изјави официјално лице на „Oxfam“, Шенон Скрибнер.
Во саботата, во изнајмената куќа се вселија четворица бегалци, а 41-годишниот Гасан ал-Чахада изјави дека од 2012 година, со сопругата и со трите деца стигнал во САД, со што го остварил сонот што го имаат поголемиот дел од бегалците во Сирија, која е зафатена со војна.
„Се надевав дека ќе добијам зелена карта и оти некогаш ќе можам да ја посетам својата татковина. Меѓутоа, по доаѓањето на Трамп на власт не се осмелувам да ги напуштам САД. Го советувам Трамп да се присети како се чувствувал додека спиел во оваа соба. Да останел дарежлив каков што бил во детството, би можеле да кажеме дека е добра личност“, изјави Ал-Чахада.
Станува збор за трикатница којашто во 1940 година ја изградил таткото на актуелниот американски претседател, Фред Трамп. Претседателот Доналд во таа куќа живеел до четвртата година, а потоа семејство се преселило во друга куќа, во непосредна близина.
Во март оваа година, куќата е продадена за 2,14 милиони долари и моментално се изнајмува по цена од 725 долари на ден.