Dildar Baykan
18 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Куќите на муслиманите во областа Аракан во Мјанмар и понатаму се опожаруваат, при што голем број луѓе се принудени на бегство, јавува Anadolu Agency (AA).
На социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои може да се види како горат куќите во селото Нондакали, во кое има 380 домаќинства. Селото припаѓа на градот Мунгдау, кој e цел на напади на војската и на будистичките националисти.
Снимките се направени вчера, а на нив може да се види чад над запалените куќи. Запален е поголем дел од селото во коешто живеат околу 1.800 лица.
Во нападите врз цивилите во Аракан, кои мјанмарската војска ги извршува под изговор борба против вооружените милитанти, од 25 август смртно настрадаа илјадници муслимани. Поради тоа што не е дозволен влез ниту излез од тоа подрачје, невозможно е да се утврди точниот број на загинатите.
Војската и будистичките националисти запалија или во потполност уништија околу 200 села. Десетици илјади муслимани од Аракан и понатаму се обидуваат преку реката Наф и низ планинското подрачје да побегнат во соседен Бангладеш.
Од 25 август, околу 400.000 муслимани од Аракан побегнаа во Бангладеш. УНИЦЕФ соопшти дека меѓу бегалците од Мјанмар, кои побараа засолниште во Бангладеш, има повеќе од 200.000 деца.