Ekipa
15 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
ПЕКИНГ (АА) - Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, на Форумот на високо ниво „Еден појас, еден пат", изјави дека проблемите со кои земјите не можат сами да се изборат, можат да ги решат заедно, јавува Anadolu Agency (AA).
Си на вториот ден од форумот, кој се одржува во Кина, им се обрати на лидерите на 29 земји и во таа пригода рече дека главните цели на форумот се пораст на економијата, благосостојбата, но и отворената трговија, и најави зголемување на соработката.
Кинескиот претседател истакна дека земјите имаат потешкотии сами да ги решат проблемите како што се тероризмот и конфликтите, и додаде дека неуспехот во решавањето на таквите прашања негативно се одразува врз светската економија.
Тој додаде дека со заеднички сили може да се постигне напредок во решавањето на овие проблеми и да се воспостави мир, и дека на тој начин ќе биде зголемена безбедноста и заедничкиот развој.
Освен тоа, тој истакна дека иницијативата „Еден појас, еден пат“, чија цел е повторно заживување на историскиот Пат на свилата, не отфрла ниту една страна, ниту пак ја зема за цел.
Си Ѓинпинг посочи дека со карактеристиката на сеопфатност на проектот, кој ја зема предвид придобивката на сите страни, тој му припаѓа на целиот свет и оти ќе ја зголеми соработката меѓу земјите-учеснички и организациите како што се ASEAN (АСЕАН), Африканската унија, Евроазиската економска унија, Европската Унија и други.
Споменатиот форум собра 1.500 делегати од 130 земји и 70 меѓународни организации.
На отворањето на форумот, покрај домаќинот Си, свое обраќање имаше и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин, како и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
Форумот, кој го следат над 4.500 новинари, ќе заврши денес, со прес-конференција на која ќе се обрати Си.