Ömer Faruk Yıldız
25 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека повеќе од 1,5 милиони луѓе годишно умираат поради туберкулоза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи по повод 24 март - Светскиот ден на туберкулозата, генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, ја истакна потребата за борба против зголемувањето на бројот на случаите на болни од туберкулоза во светот и смртните случаи.
Тој нагласи дека ставањето крај на оваа болест е меѓу приоритетите на СЗО, затоа што: „туберкулозата убива повеќе од 1,5 милиони луѓе секоја година и погодува уште милиони“.
Истакнувајќи дека третманите за туберкулоза се нарушени поради борбата против Ковид-19, Гебрејесус рече: „Според податоците на СЗО, годишните смртни случаи од туберкулоза се зголемија за првпат во последните 10 години поради нарушувањата во здравствените услуги.“
Подвлече дека буџетот наменет за борба против туберкулозата е намален во последните години поради Ковид-19, при што сподели информација дека глобалните расходи за услуги за дијагностицирање, лекување и превенција на туберкулозата се намалени од 5,8 милијарди долари во 2019 година на 5,3 милијарди долари во 2021 година.
Наведувајќи дека е загрижен поради ширењето на случаите на туберкулоза во земјите каде што има конфликти, Гебрејесус додаде: „СЗО продолжува со напорите за подобрување на услугите во борбата против туберкулозата во регионите каде што луѓето немаат доволен пристап до здравствените услуги.“
Светскиот ден на туберкулозата се одбележува секоја година на 24 март. Научникот Роберт Кох на 24 март 1882 година го открил микробот на туберкулозата (Tuberculosis bacillus) и го отвори патот за дијагноза и третман на болеста.
СЗО овогодишниот „Светски ден на туберкулозата“ го одбележува со темата „Инвестирај за да се стави крај на туберкулозата, спаси животи“.