Kasım İleri
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот Стејт департмент објави дека ќе го награди до 10 милиони долари секого што ќе даде информации за компјутерскиот хакер од руско потекло, Евгениј Викторович Гладкик, известува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на американското Министерството се вели, „Стејт департментот на САД, во рамките на програмата Награди за правда (Rewards For Justice), ќе им додели награди на оние кои ќе дадат информации за рускиот компјутерски хакер Евгениј Викторович Гладкик.“
Во соопштението, наведувајќи дека Гладкик дејствувал по наредба или под контрола на странска влада, се истакнува: „Нудиме награда до 10 милиони долари за информации во врска со идентитетот или локацијата на Гладкик. Гладкик помага или поттикнува прекршување на Законот за компјутерска измама и злоупотреба, со сајберактивности против критичните инфраструктури на САД.“
Во соопштението се тврди дека Гладкик, кој бил компјутерски програмер во Центарот за хемија и механика на Научно-истражувачкиот институт при руското Министерство за одбрана, водечка истражувачка институција, во периодот од мај до септември 2017 година, заедно со неговите партнери, извршил кибернапад врз системите на нафтена рафинерија надвор од САД и инсталирал малициозен софтвер кој ги исклучил безбедносните системи.
Во соопштението се наведува дека осомничениот, наводно на двапати во 2018 година се обидел да пристапи до рафинерии во земјата во сопственост на американска компанија, но се тврди дека не успеал во тоа.