Riyaz Khaliq Khaliq
25 Март 2022•Ажурирај: 27 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Северна Кореја денеска потврди дека тестирала нов тип на интерконтинентална балистичка ракета кон Источното Море, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Тестирањето вчера беше лично следено од лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-Ун“, соопшти државниот медиум КЦНА (KCNA).
Ким го нарача тест-лансирањето во средата и го посети теренот за лансирање вчера за лично „да го води целокупниот процес на тест-лансирањето на новиот тип на интерконтинентална балистичка ракета Хвасонгво-17.
Обединетите нации (ОН), Јужна Кореја и Јапонија го осудија лансирањето на ракетата.
„Појавата на ново стратешко оружје на ДПРК [Демократска Народна Република Кореја] ќе направи уште еднаш на целиот свет да му стане јасно за моќта на нашите стратешки вооружени сили“, рече Ким.
Неколку часа подоцна Јужна Кореја одговори со истрелување на ракети на копно, море и воздух кон Источното Море.
Генералниот секретар Антонио Гутереш рече дека лансирањето на ракетите ризикува „значителна ескалација на тензиите во регионот“.
- САД со санкции кон шест поединци поради пролиферација на оружјето во Северна Кореја и Сирија -
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рано денеска објави санкции за шест поединци во Русија, Северна Кореја и Кина „за поддршка на програмите за ракети и нивна пролиферација“ во Северна Кореја и Сирија.
„Светот мора внимателно да ги следи напорите на ДПРК и Сирија за унапредување на нивните програми за ширење оружје“, додаде тој.
Јапонија рече дека лансирањето на ракетата на Северна Кореја го „подигнало нивото на безбедносната закана“.
„Лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета од Пјонгјанг вчера е сериозна закана за мирот и стабилноста на Јапонија и меѓународната заедница, бидејќи се движи во различна димензија од нејзините серии на претходните лансирања на ракети“, рече денеска министерот за одбрана на Јапонија, Нобуо Киши, според „Кјодо њуз“ (Kyodo News) со седиште во Токио.
Министерот за надворешни работи на Јапонија, Јошимаса Хајаши, денеска исто така разговараше со својот јужнокорејски колега Чунг Еуи Јонг и „се согласија дека нивните земји одлучно ќе одговорат на Северна Кореја“.
По телефонскиот разговор, Хајаши рече дека двете страни „остро го осудиле потегот на Пјонгјанг, кој беше јасен и сериозен предизвик за меѓународната заедница“.
„Ќе продолжиме да соработуваме со САД, Јужна Кореја и со други истомисленици“, рече тој.
Киши на прес-конференција рече: „Не можеме да го толерираме ова лансирање ракети на Северна Кореја кое може да доведе до ескалација на нејзините провокации против меѓународната заедница во време кога светот се фокусира на руската агресија против Украина.“