Mehmet Alaca
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
АНКАРА (АА)
- Мехмет АЛАЏА
Покрај тоа што низ светот ропството е забрането пред многу години, повеќе од 40 милиони луѓе сѐ уште се дефинираат како „модерни робови“ поради тешките работни услови и експлоатација, пишува Агенција Анадолија (АА).
Секоја година 25 март се одбележува како Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од трансатлантската трговија со робови.
Денот, кој е одреден во 2007 година и се одбележува од страна на Обединетите нации (ОН), за првпат е одбележан во 2008 година со темата „Да не заборавиме, да ја прекинеме тишината“.
Ропството кое се смета за најголема бруталност во човековата историја, во класична смисла е широко користено од различни цивилизации низ историјата.

Во текот на 400-годишниот период помеѓу 15-тиот и 19-тиот век, најмалку 15 милиони луѓе биле киднапирани и поробени од трговците за да работат како робови.
Трансатлантската трговија со робови, која има исклучително сложена трговска мрежа, е позната и како „триаголна трговија“.
Оваа голема трговска мрежа, која се одвиваше во триаголникот меѓу континентите Европа, Африка и Америка, длабоко го погоди африканскиот континент искористувајќи го социјално, економски и човечки.
Овој меѓународен ден, нудејќи можност да им се оддаде почит и сеќавање на оние кои страдале и починале поради бруталниот систем на ропство, исто така, има за цел да ја подигне свеста за опасностите од расизмот и предрасудите.
На 2 декември 1949 година, ОН усвоија нацрт-закон со цел да се искоренат современите форми на ропство, како што се трговијата со луѓе, сексуалната експлоатација, детскиот труд и принудните бракови.
И покрај тоа што трговијата со робови беше забранета по овој процес, таа продолжува во различни форми.
Сѐ уште постојат практики слични на ропството, како што се принудување на брак уште од детска возраст и трговија со жени и деца.
- Модерно ропство
Терминот „модерно ропство“ се користи за опишување на условите во кои луѓето не се во можност да се спротивстават и да ја напуштат својата моментална ситуација поради закани, насилство, принуда, измама и злоупотреба на моќта.
Според Глобалниот индекс за ропство, каде што се објавуваат бројките за модерното ропство и рангирањето на земјите, модерното ропство е најзастапено во Африка, а потоа следуваат земјите од Азија и Пацификот.
Бројот на возрасни кои работат под условите дефинирани како „модерно ропство“ е околу 40,3 милиони, додека 15,4 милиони од овој број се оние кои се принудени на брак и 24,9 милиони се оние кои се принудени да работат.
Меѓу другото, се наведува дека 71 отсто од оние кои се подложени на модерно ропство се жени и девојчиња.
Според информациите собрани од извештаите на Меѓународната организација на трудот (ILO) и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ), во светот има 160 милиони деца работници од возрасната група од 5 до 17 години.
Се проценува дека бројот на деца работници ќе се зголеми на 168,9 милиони до крајот на 2022 година. Од овие деца, 79 милиони работат во опасни услови кои би се сметале за модерно ропство. Оваа бројка се очекува да се зголеми во наредните години.
Според експертите, современите трговци со робови заработуваат 30 пати повеќе од трговците од 18 и 19 век.
Принуден работник за својот шеф заработува околу 8.000 долари годишно, додека во многу други области, овие стапки се приближуваат до 40.000 долари.
Годишниот профит на системот, кој се дефинира како модерно ропство, се проценува на 150 милијарди долари.