АНКАРА (АА) - Тугченур Јилмаз
Иако ропството е забрането во целиот свет, тоа продолжува да опстојува во неговата нова форма како „модерно ропство“, и претставува едно од најголемите проблеми на човештвото. Меѓу земјите од Европа и Централна Азија, во кои случаите на модерно ропство се најизразени, се наоѓаат Белорусија, Туркменистан и Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска ропството е забрането речиси во секоја земја, но изразот „модерно ропство“ сѐ уште не е заведен во законодавството на земјите како правен термин. Затоа, новите форми на ропство, продолжуваат да бидат еден од најголемите проблеми на човештвото.

Иако модерното ропство главно се забележува на просторите со ниски приходи и интензивни судири, загрижувачки се бројките на модерното ропство, присутно и во економски развиените земји.
- Модерно ропство
Терминот „модерно ропство“ се користи за идентификација на случаите во кои луѓето не се во можност да се спротивстават на злоупотреба, закана, насилство, мамење, принуда, ниту пак се во можност да го напуштат моменталниот статус.
Денеска модерното ропство е присутно на повеќе полиња, првенствено во секторите на производствената конфекција, рударството, земјоделството и рибарството.
Примери на модерно ропство се застапени на Тајланд во секторот на рибарството, во Северна Кореја во секторот на рударството на јаглен, во производството на какао на Брегот на Слоновата Коска, во сточарството на пасиштата во Бразил, а такви примери можат да се забележат и во куќите на некои дипломати во Австралија и во секторот на пералните за автомобили во Британија.
- Има повеќе од 40 милиони луѓе „модерни робови“
Меѓународната работна група (ILO) и Фондацијата „Слободна прошетка“ (Walk Free Foundation), заедно со Меѓународната организација за миграции (ИОМ), подготвија извештај за Глобалниот индекс на ропство за 2018 година, според кој, на светско ниво повеќе од 40 милиони луѓе се во позиција на „модерни робови“. Како жртви на модерното ропство, 71 отсто се жени и девојчиња, додека 29 отсто претставува машката популација. Меѓу модерните робови, 15,4 милиони се принудени на присилен брак, додека 24,9 милиони лица се принудени да работат со присила.
На светско ниво, на секои 1.000 лица, петмина се жртви на модерното ропство. Во подрачјата во кои во голема мерка е застапено модерното ропство, постојат различни форми на ропство, како што се „принуден брак“ и „принудна работа“.
Земајќи ги предвид вкупните податоци за ропството, процентите се следни: во Африка е застапено со 7,6 отсто, во Азиско-Пацифичкиот Регион - 6,1, во Европа и Централна Азија - 3,9. Во подрачјето на арапските земји, на 1.000 лица, 3,3 се модерни робови, додека тој сооднос во земјите од Северна и Јужна Америја изнесува 1,9.
- Европа и Централна Азија
Во Европа, која е домаќин на економски најразвиените земји во светот, како и во Централна Азија, бројката на модерни робови изнесува околу 3,5 милиони лица. На глобално ниво, таа претставува 9 отсто од вкупниот број модерни робови.
Во овие подрачја бројот на модерни робови поради брак под принуда изнесува 9 отсто, додека бројот на робови кои работат под принуда, изнесува 91 отсто.
Истовремено, Европа и Централна Азија се подрачја во кои случаите на сексуална експлоатација се застапени со 14 отсто од вкупниот број во светот.
Меѓу земјите од Европа и Централна Азија, во кои случаите на модерно ропство се најизразени, се наоѓаат Белорусија, Туркменистан и Македонија.
- Азиско-пацифички Регион
Азиско-пацифичкиот Регион е домаќин на најсиромашните земји во светот, а во исто време и подрачје со најраспространето модерно ропство. Од вкупниот број модерни робови во светот, околу 25 милиони, односно 62 отсто живеат во Азиско-пацифичкиот Регион.
Во ова подрачје, 66 отсто работат под принуда, а 34 отсто се во принуден брак. Во овој Регион процентуално најголем број модерни робови има во Северна Кореја, Авганистан и Пакистан, додека според бројките, најмногу има во Индија, Кина и Пакистан.
- Африка
Се претпоставува дека во Африка има околу 9 милиони и 240.000 модерни робови. Оваа бројка од глобален аспект, претставува 23 отсто од вкупниот број робови во светот.
Во Африка, 37 отсто од модерните робови работат под принуда, додека 67 отсто се во брак под принуда. На африканскиот континент, 400.000 лица се жртви на сексуална експлоатација.
Модерното ропство е најраспространето во Еритреја, Бурунди и Централноафриканската Република.
- Америка
Се претпоставува дека во Северна и Јужна Америка има околу 2 милиона модерни робови. На глобално ниво тоа изнесува 5 отсто од вкупниот број.
Во Америка, 66 отсто од модерните робови работат под принуда, а 35 се во брак под принуда. Процентуално, робовите на модерното време на овој континент најмногу ги има во Венецуела, Хаити и Доминиканската Република, а според бројките, најмногу ги има во САД, Бразил и Мексико, кои спаѓаат во групата на развиени земји и земји во развој.
- Арапски земји
На Арапскиот Полуостров, застапеноста на модерното ропство изнесува 529.000 лица, што претставува 1 отсто од вкупното забележано ропство во светот. На Арапскиот Полуостров, на кој се наоѓаат 11 земји, почнувајќи од Оман до Сирија и од Јордан до ОАЕ, 67 отсто лица работат под принуда, додека 33 отсто се принудени на брак кој не го посакувале.
Поради недоволниот број податоци од Арапската заедница која претставува само 2 отсто од вкупната светска популација, веродостојноста на податоците од оваа територија може да не се прецизни.
Од друга страна, во ова подрачје, кое е подрачје со најинтензивни судири, модерни робови има во Сирија, Ирак и Јемен. Бројот на модерни робови од ова подрачје изнесува 76 отсто од вкупниот број робови на Арапскиот Полуостров.
- Светски ден за укинување на ропството
Обединетите нации (ОН) на 2 декември 1949 година усвоија Нацрт-закон, со цел укинување на модерните форми на ропство, како што се трговијата со луѓе, сексуалното злоставување, злоупотребата на детскиот труд и принудниот брак. По тој повод, 2 декември се слави како Ден за укинување на ропството.