СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Во срцето на Скопје, во Градскиот трговски центар, од неодамна е отворено кафуле кое има нов концепт на работа - вработува лица со попреченост, со цел нивна инклузија и интегрирање во општеството, што го прави во Македонија ова засега да биде првиот локал од овој вид.
Екипата на Anadolu Agency (AA) го посети ова кафуле, во кое на прв поглед може да се уочи дека насмевката на вработените и нивното топло „добре дојде“ се само две од многуте причини поради кои посетителите се одлучуваат ова место да биде нивниот избор, каде што ќе поминат дел од своето време.
Дваесет и едногодишниот Филип од Скопје, кој има Даунов синдром, е еден од десеттемина вработени во кафулето во кое работи како келнер. Во разговорот за АА вели дека е среќен поради тоа што може да работи во ова кафуле, каде што стекнал нови пријатели.
„Правам сè како што треба. Задоволен сум, работам, служам... Со гостите и со колегите оди добро, а јас ги почитувам моите колешки и колеги“, раскажува Филип кој додава дека неговиот работен ден сега е исполнет со работни обврски, што го прави среќен.
„Денот започнува убаво. Јас сум насмеан и среќен. Сè научив да работам, да мијам садови, да служам кафиња, чаеви и сè“, вели Филип.
„Со колегите добро се разбираме и се договараме. Ги слушам моите колешки и колеги. Се дружиме и надвор од работа“, додава тој и открива дека освен што работи во кафулето во слободно време игра и кошарка.
Светомир Герасимовски (23) исто така е лице со попреченост кое работи како келнер во кафулето. Задоволен е од тоа како е прифатен од колегите и од другите во средината во која се движи, а она што го издвојува како највпечатливо за него е одбележувањето на неговиот 23. роденден со неговите колеги.
„Јас работам како келнер. Ги послужувам гостите. Дружењето со колегите е феноменално, тие се прекрасен колектив. Јас сум последна година на смерот Туризам при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, имам некое теоретско искуство, јас сум хотелско-ресторанска насока и нешто од тоа знам од ресторански менаџмент, единствено ми фалеше практично искуство“, вели Светомир, раскажувајќи ја својата животна приказна за АА.
- Кафуле кое ги руши стереотипите -
Идејата да се отвори кафуле кое ќе има нов концепт на работа, односно кое ќе вработува лица со посебни потреби, била на социјалниот работник Маријан Петров од Скопје, кој на овој чекор се решил по разговорите со колегите од Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Идејата ја поддржало и Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, па од почетокот на месец ноември започнале со работа.
Петров вели дека се одлучиле кафулето да биде во центарот на градот, на видливо и препознатливо место, на кое лицата со попреченост ќе бидат видени и ќе имаат можност да се во постојан контакт и комуникација со различни луѓе.
Иако вработените се лица со попреченост, тој е задоволен од нив. Вели дека вработените одлично си ги извршуваат своите работни задачи и добро се прифатени од останатите во околината.
„Јас би сакал да се подигне целокупната свест и да се намалат стереотипите, и сите компании да ја подигнат таа општествена одговорност, да им помагаат на компаниите да работат со социјално ранливи категории и да ги вработуваат, со што ќе имаме подобро општество за сите“, истакнува Петров, објаснувајќи ја нивната идеја и целта на постоење.
Според него, економскиот дел не е примарна цел во работата на ова кафуле, туку за него најважно е лицата со попреченост да бидат поинклузивни и кафулето да биде самоодржливо.
Работата и дружењето во кафулето со луѓе кои на лицата со попреченост ќе им посветат внимание и ќе ја добијат нивната доверба, е нова страница во животот на овие лица, која влева надеж дека за нив доаѓа посветла иднина.
- Повеќе да се зборува за она што лицата со попреченост можат, а не за она што не можат -
Низ светот на 3 декември се одбележува Светскиот ден на лицата со попреченост. Исто така, овој датум низ годините наназад се одбележува и во Македонија со различни активности, во кои учествуваат невладините организации во чиј фокус на работа се лицата со попреченост, а своја поддршка даваат и државните институции.
Цитирајќи ги бројките на Агенцијата за вработување од 2017 година, од „Полио Плус“ - Движење против хендикеп, од Скопје, истакнуваат дека само 2.300 лица во Македонија добиле работен ангажман, што според нив е незадоволителна бројка.
Исто така, од ова движење забележуваат и дека нема официјална статистика за бројот на овие лица, иако според Светската здравствена организација, 10 % од вкупното население во Македонија има помал или поголем хендикеп. Според Државниот завод за статистика на Република Македонија, населението во Македонија изнесува 2 075 301 жители.
„Во системот на Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија има регистрирано 21.650 корисници со попреченост“, соопштија за Anadolu Agency (AA) од ова министерство.
Здруженијата кои работат на подобрување на статусот на лицата со попреченост години наназад, преку разни активности настојуваат да се промени јавната свест на луѓето. Повеќе да се зборува за она што лицата со попреченост можат, а не за она што не можат.
Како главни проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост се пристапот до работното место, образованието, и генерално, нивната егзистенција.