Yeşim Sert Karaaslan
05 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) – Од голема важност за заштита на здравјето е правилната исхрана, истакна проф. д-р Танжу Беслер, заменик-ректор на Источниот медитерански универзитет за АА на организираната програма во Истанбул под наслов „Меѓународна комуникација за исхрана и здравје“, додавајќи дека при обезбедување контрола на телесната тежина треба да се избегнуваат практики кои не се научно докажани, јавува Anadolu Agency (AA).
Беслер нагласи дека здравото губење на телесната тежина не треба да биде брзо, посочувајќи дека по завршувањето на диетата е можно враќање на тежината, којашто честопати е многу поголема. Според него, таа состојба го нарушува балансот на телото и има негативен ефект врз здравјето.
Според проф. Беслер, диетата треба да биде специфична за секој поединец, но луѓето обично се во потрага по брза и совршена диета за брзо намалување на телесната тежина. Тој нагласи дека тие диети во голем број случаи се практикуваат без консултации со специјалист. Проф. Беслер рече дека станува збор за популарни диети кои ги нарекува „минливи“.
Проф. Беслер, исто така, додаде дека популарните диети ги оддалечуваат луѓето од здравата исхрана, а тоа пак, предизвикува влошување на здравјето, а проблемите се манифестираат на долг рок. Нагласувајќи дека со популарните диети може да дојде до сериозен недостаток на витамини, проф. Беслер го истакна следното:
„При тридневна глад може да се соочите со огромно исфрлање протеини во урината, но потоа исфрлањето ќе забави. Зошто? Бидејќи мускулите не треба да бидат уништени. Ако се уништат мускулите, организмот брзо се движи кон смрт. Затоа, по некое време метаболизмот се адаптира и почнува да се нормализира како порано. Всушност, се задоволува со малку, ја намалува енергијата. Сите минливи диети со во спротивност со препораките на голем број експерти. Ако диетата препорачува телесната тежина месечно да се намали за повеќе од 2 до 4 килограми, треба да се биде внимателен. Бидејќи тоа е минлива популарна диета. Ако го ограничува изборот на одредени видови храна или пак, целосно ги елиминира, треба да се внимава. Затоа што и таа диета не е погодна за здравјето.“
- Да се внимава на храната препорачана со диетата -
Беслер посочи дека заедно со многу популарните диети се нудат и други додатоци за исхрана. Според него, тука не се работи за здравствена заштита, туку тој истакнува дека тоа е показател оти станува збор за комерцијална добивка.
Според проф. д-р Беслер, здравата диета не треба да се базира на промени на навиките во исхраната на личноста.
„Ако лицето не јаде брокула, колку може да е точно на тоа лице при диетата да му се каже да јаде брокула. Бидејќи нема да има континуитет, лицето по некое време ќе ја остави брокулата. Наместо тоа, потребно е да се подготви програма со продукти што лицето сака да ги користи“, изјави Беслер.
- „Овие диети не се одржливи“ -
Рејмонд Гемен од Европскиот совет за информации во исхраната (EUFIC) ги дефинира популарните диети како „ветувачки, бргу изводливи“ и додава:
„Во голем број случаи, овие диети се базираат на брзо намалување на калориите. Тоа резултира со краткорочно намалување на телесната тежина, но по извесен период луѓето ја губат волјата и мотивацијата да продолжат со таквиот вид исхрана, што предизвикува неодржливост на таквите диети.“