живот

„Дете на војната“: Детството и училиштето никогаш не ѝ биле пријатни

Ги нарекуваат „невидливи деца на војната“, бидејќи се секаде околу нас, но ние тоа не го знаеме. Многу од нив и не ја знаат вистината за нивното потекло, а и оние што ја знаат, ретко зборуваат за тоа.

Vesna Besiç  | 08.12.2018 - Обновена : 09.12.2018
„Дете на војната“: Детството и училиштето никогаш не ѝ биле пријатни (Foto: Samir Yordamoviç - Anadolu Agency )

Sarajevo

САРАЕВО (АА) - Весна Бешиќ -

Невидливи деца на војната. Заборавени деца на војната. Така ги нарекуваат децата кои се родени за време на воените случувања во 90-тите години во Босна и Херцеговина (БиХ).

Војната уништи многу семејства. Убиени се деца, татковци, синови, ќерки, мајки... Силувани се илјадници жени и девојчиња. Како последица на тие случувања денес многу деца се без родители, многу родители се без деца, но има и илјадници од оние што се родиле откако нивните мајки биле силувани за време на војната во БиХ.

Ги нарекуваат „невидливи деца на војната“, бидејќи се секаде околу нас, но ние тоа не го знаеме. Многу од нив и не ја знаат вистината за нивното потекло, а и оние што ја знаат, ретко зборуваат за тоа.

- Тежок животен пат -

Ајна Јусиќ е едно од тие деца. Родена е во септември 1993 година во сигурната куќа „Медика“ во Зеница. Родена е по силувањето на нејзината мајка за време на војната во БиХ. Нејзината мајка тогаш имала 22 години.

„Јас бев првото бебе кое беше родено во „Медика“ во 1993 година. Тука беше сместена мојата мајка, по сè што преживеала. Тука живеевме неколку години, по што мајка ми се врати во родниот град Завидовичи. Тука неколку години одев на училиште. Не сакам премногу да зборувам за училиштето бидејќи не беше пријатно, ниту детството, ниту училиштето“, раскажа Ајна во разговор за Anadolu Agency (AA).

Нејзината мајка во меѓувреме ја запознала „љубовта на својот живот“, како што го нарече Ајна човекот кој ѝ бил и останал потпора во животот.

„Јас денес го гледам, го сметам и го сакам како свој татко, бидејќи тој ме одгледа. Тогаш се преселивме на друго место. Ситуацијата и во тоа училиште беше иста, не се промени. Во првото училиште беше проблем што немам татко, а во другото што имам, но не е вистински. По основното училиште мајка ми одлучи дека таа средина е тешка за мене и одлучи да ме врати во Зеница“, раскажа Ајна.

Така оваа, сега самостојна девојка, на 14 години заминува на училиште во Зеница. Сама. Тоа заминување, смета Ајна, било пресудно за неа, бидејќи сфатила дека нешто фали во целата приказна за нејзиното раѓање.

„Кога се запишував во училиштето, ме прашаа за името на татко ми. Реков дека не знам, дека починал. Тогаш ја видов мајка ми како трча. Ги зеде документите и рече да ја чекам пред училиштето. Тоа ми беше чудно“, се присети Ајна на денот по кој почнала да истражува и да ја бара вистината за своето потекло.

- Сознание кое ѝ го сменило животот -

Еден викенд, во текот на нејзината прва година од Медицинското училиште, таа отишла дома во Завидовичи, каде што ги пронашла записите од „Медика“, наодите на нејзината мајка од психолог и психијатар и полициска изјава за сè што ѝ се случило.

„После тоа бегав, не одев ниту на училиште... Не ми беше лесно, животот ми се смени за пет минути. Во тој момент сè исчезна. Молчев девет месеци, сè додека не бев принудена да побарам помош од психолог“, појасни Ајна.

Психологот ја повикал нејзината мајка и така дошол моментот од кој и двете бегале.

„Седев со психологот, ја слушнав како влегува. Само плачеше. Упорно ме молеше да ѝ простам. Не знаев што да ѝ простам. Ми рече дека ѝ било страв да ми каже, бидејќи мислела дека мене ќе ми биде срам што имам таква мајка, мајка која преживеала силување“, изјави Ајна.

И едната и другата живееле во страв. Ајна дека мајка ѝ нема да ја сака бидејќи потсетува на она најлошото што можело да ѝ се случи. И постоело прашањето: „Зошто токму јас? Зошто мојата мајка?“.

„Меѓутоа, тоа не е така. Тоа се две големи трауми, имаше премногу стравови и анализи. Кога разговаравме за тоа, траумата стана заедничка. Логично е јас да не ја обвинувам и логично е таа мене да ме сака“, порача Ајна.

Им требале, раскажа таа, три до четири години, да започнат нормално да зборуваат за тоа без некои последици.

„Односот стана многу подобар меѓу мене и мајка ми. Сега заедно ја носиме таа тежина, а имаме и огромна помош, а тоа е мојот очув. Тој прифати сè и со нас одеше на терапии“, појасни Ајна.

- Цртичка која создава проблеми -

Долго ѝ требало да им ја раскаже вистината на најблиските пријатели.

„Потребно е да се зборува, бидејќи додека ние зборуваме, некаде во светот се родило дете на војната. Имаме војна на сите страни“, раскажа Ајна.

Таа зборуваше и за тоа дека не постои ниту еден документ во БиХ кој ја опфаќа таа категорија. Не постои законска поддршка.

„Навистина не е можно 25 години, никој да не го ставил тоа на хартија. Имаме проблем со документите. Во мојот роден лист го имам само името на мајка ми, бидејќи не ја знаеме другата страна на идентитетот. Приматот се става на таткото. И тоа е нешто што во оваа категорија не е пожелно. Јас на сите свои документи пишувам: Ајна, цртичка, Јусиќ. Таа цртичка предизвикува големо внимание“, раскажа таа.

Проблем ѝ претставувало и кога предава каков било документ на шалтер, бидејќи тогаш во себеси се моли да не ја прашаат ништо за таа цртичка.

„Ние немаме никаков регистар. Не знаеме што се случува со детето кое во 25-тата година сака да ја запознае својата мајка и кое разбира зошто мајка му го дала на посвојување“, изјави Ајна.

Таа не сака да го запознае својот татко, ниту да знае кој е.

„Не. Немам чувство на омраза кон таа личност, мајка ми така ме одгледа. Не можам да разберам што е тоа. За мене тоа не е личност. Не можам да сфатам како е можно тоа, дали е можно тоа некој да го направи. Никогаш немав желба да го запознаам. Можев да барам и да го најдам, но мојата мајка денес е среќна жена. Беа потребни повеќе од 20 години таа да биде здрава и среќна. Каква било моја потрага може да ја наруши нејзината среќа“, изјави Ајна.

- Филмот „Грбавица“ е инспириран од приказната на нејзината мајка -

Филмот „Грбавица“ од Јасмила Жбаниќ е животна приказна на Ајна и нејзината мајка.

„Бидејќи тогаш бев дете. Основата и поголемиот дел од приказната се базира на мојата мајка, таа кафеана, екскурзија и нокти... Мајка ми тоа го правела заедно со Јасмила и Медика“, раскажа Ајна.

Таа се присети дека тогаш одела во основно училиште и дека организирале да гледаат филм во кино.

„Мајка ми беше нервозна. Отидов да го погледнам филмот. Ми беше тешко. Тогаш се подготвувала, по филмот, да ми каже дека постои поврзаност меѓу нас и лицата во филмот“, изјави Ајна.

- Во БиХ, како последица на војната, се родени од 2.000 до 4.000 деца - 

Ајна сега живее во Сараево, има дипломирано психологија и активно работи во Здружението „Заборавени деца на војната“.

„Никој никогаш не зборуваше за нас, децата имаат различни стравови. Моментално сме активни околу 15 членови во Здружението. Според нашите досегашни сознанија, во државата се наоѓаат до 60 членови, само што имаме поделба на активни и неактивни“, појасни Ајна.

Како што изјави, и таа самата била неактивна десет години и знае дека е потребен подолг период да се прифатат работите какви што се. Ајна истакна дека постојат истражувања кои велат дека за време на војната во БиХ биле силувани околу 50.000 жени и девојчиња.

„Направени се одредени статистички анализи кои покажаа дека постои можност во БиХ да се наоѓаат од 2.000 до 4.000 од тие деца“, изјави Ајна.

Жените и девојчињата што се силувани во војната ги смета за херои.

„Многу работи поминале преку нивниот грб за време на војната. Жените и понатаму се кријат. Тоа се и понатаму жени кои се срамат од самите себеси. Ајде да им покажеме дека немаат од што да се срамат“, порача Ајна.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.