Merve Berker
02 Декември 2020•Ажурирај: 02 Декември 2020
АНКАРА
И покрај напредокот на науката и технологијата во изминатиот век, милиони луѓе низ светот и понатаму се жртви на ропство, јавува Агенција Анадолија (АА).
За да се подигне свеста за оваа чума, Обединетите нации денеска (среда) го одбележуваат Меѓународниот ден на укинување на ропството.
Според Меѓународната организација на трудот (ILO), повеќе од 40 милиони луѓе низ светот се жртви на современо ропство.
„Современото ропство се користи како термин за практиките како принудна работа, должничко ропство, присилен брак и трговија со луѓе. Во суштина, тоа се однесува на ситуации на експлоатација кога едно лице не може да ги одбие или да ги напушти поради закани, насилство, принуда, измама или злоупотреба на моќ “, наведуваат ОН на својата веб-страница.
Обединетите нации (ОН) велат дека фокусот на денот ќе биде да се подигне свеста за потребата од искоренување на современите форми на ропството како трговијата со луѓе, сексуалната експлоатација, детскиот труд, присилниот брак и присилното регрутирање деца за употреба во вооружени конфликти.
Меѓународната организација на трудот понатаму наведува дека приватните економии секоја година заработуваат 150 милијарди долари нелегален профит од ова ропство.
Дополнително, 150 милиони деца се принудени на работа - односно речиси едно од 10 деца низ целиот свет.
Понатаму, еден милион деца се дел од трговијата со луѓе секоја година како евтина работна сила или за сексуална експлоатација.
Членот 4 од Универзалната декларација за човекови права - меѓународен документ усвоен од Генералното собрание на ОН на 10 декември 1948 година - го забранува ропството.
Во документот, според кој се загарантирани правата и слободите на сите човечки суштества, се вели дека „никој не смее да се држи во ропство или служење; ропството и трговијата со робови се забранети во сите нивни форми“.