Bayram Altuğ
11 Ноември 2017•Ажурирај: 12 Ноември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Експертите за човекови права на Обединетите нации (ОН) упатија апел за итна евакуација на 435 болни заробени во Источна Гута која е под опсада на режимот на Башар ал Асад во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во заедничкото писмено соопштение на специјалната известувачка на ОН за правото на храна, Хилал Елвер и специајлниот известувач на ОН за здравствени прашања, Даиниус Пурас, се наведува дека во рамките на меѓународните права Асадовиот режим е обврзан да ги лекува болните и повредените во Источна Гута, како и безбедно да им испорача хуманитарните средства во регионот.
Во соопштението стои дека режимот треба да дозволи медицинска евакуација без да губи време, и дека е обврзан да обезбеди безбеден и одржлив пристап до регионот за да се изврши испорака на медицински материјали и основни прехранбени продукти.
Исто така, се истакнува дека стотици илјади цивили во Источна Гута со години живеат под опсада, и дека треба да се изврши итна евакуација на 435 болни, вклучувајќи ги и децата под петгодишна возраст.
- Над илјада деца се во ризик од смрт
Во регионот на Источна Гута која веќе пет години е под опсада од страна на Асадовиот режим и неговите поддржувачи, околу 400 илјади цивили се борат за живот во сиромаштија, глад и во тешки услови.
Според информациите до кои дојде АА од здравствениот центар во подрачјето Дума во Источна Гута, едно 14-месечно бебе, Мутасим Арбаш, вчера во вечерните часови починало поради недоволна исхрана и лекување.
Исто така, во утринските часови младиот Усаме Тејсир Хассун во населбата Хаммурије починал поради исти причини.
Запрен е влезот на основите прехранбени производи и лекови кои биле внесувани на илегални начини во регионот каде веќе седум месеци е интензивирана блокадата од страна на режимот.
Според податоците на локалните цивилни организации, над илјада деца во Источна Гута се соочуваат со ризик од смрт поради недостиг на храна и лекови.
Јан Егеланд, советник на специјалниот известувач на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, вчера изјави дека нема дозвола за пристап до Источна Гута. Тој наведе дека стотици болни имаат потрба од итна медицинска евакуација, и дека седум цивили го загубиле својот живот поради тоа што не биле евакуирани.
Егеланд додаде дека 29 болни од вкупниот број на болните лица, од кои 18 се деца, се во животна опасност.