Ömer Faruk Yıldız
14 Септември 2022•Ажурирај: 15 Септември 2022
ЖЕНЕВА
Меѓународната организација на трудот (ILO) и Меѓународната организација за миграција (IOM) поврзана со Обединетите нации (ОН) соопштија дека околу 50 милиони луѓе низ светот живеат под модерно ропство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Извештајот за глобалните предвидувања за модерното ропство подготвен од ИЛО и ИОМ даде податоци за модерното ропство, принудните бракови и принудната работа во 2021 година.
Од 2021 година, како што стои во извештајот, околу 50 милиони луѓе во светот живеат под модерно ропство, додека 28 милиони од овие луѓе биле принудени да работат, а 22 милиони лица биле принудени на брак.
Во извештајот, во кој се наведува дека бројот на луѓе под модерно ропство е значително зголемен во последните пет години, се нагласува дека во 2021 година имало 10 милиони повеќе луѓе под модерно ропство во однос на 2016 година.
- 52 отсто од модерното ропство е во земјите со висок среден и висок приход
Се нагласува дека модерното ропство е забележано во речиси секоја земја во светот и не е ограничено на која било верска или етничка припадност.
Во извештајот се споделува дека најмалку 52 отсто од случаите на принудна работа и принудни бракови се случуваат во земјите со високосредни и високи приходи.
Меѓу другото, утврдено е дека 86 отсто од случаите на принудна работа се во приватниот сектор, додека 14 отсто во јавниот сектор.
Во извештајот се наведува дека имигрантите се трипати повеќе склони на принудна работа во споредба со другите групи и дека бројот на принудни бракови е значително зголемен во светот; 6,6 милиони луѓе се принудени на брак во периодот од 2016 до 2021 година.
- Меѓународната заедница треба да направи заеднички напори
Антонио Виторино, генералниот директор на ИОМ, коментирајќи го извештајот, истакна дека имигрантите сочинуваат голем дел од луѓето што се подложени на модерно ропство.
„Извештајот покажува колку е итно да се осигура дека сите миграции се безбедни и уредни“, нагласи Антонио Виторино.
Виторино, исто така, нагласи дека меѓународната заедница треба да се потруди да го спречи растечкиот тренд на принудна работа и бракови на имигрантите.
Гај Рајдер, генералниот директор на ИЛО, наведувајќи дека треба да се координираат националните и меѓународните мерки за намалување на модерното ропство, рече: „Синдикатите, работодавачите, организациите, невладините организации и обичните граѓани се критични во оваа борба.“