Ömer Tuğrul Çam
14 Септември 2022•Ажурирај: 15 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - За подобрување на менталното здравје на своите пациенти, психијатрите во Белгија ќе можат да препишуваат рецепти за бесплатни посети на музеј, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Резултатите од истражувањето на Светската здравствена организација (СЗО) ќе бидат спроведени со пилот-проектот, што започна во главниот град Брисел.
Во истражувањето на СЗО откриено е дека посетата на музеј „го намалува стресот кај луѓето и го прави животот позначаен“.
Градските власти на Брисел, наведувајќи дека културните активности се од големо значење за менталното здравје, истакнаа дека оваа практика ја спроведуваат како терапевтска поддршка.
На овој начин, психијатрите во нивните рецепти, покрај другите лекови и совети, ќе можат да препишат и бесплатни посети на музеи во планот за лекување на нивните пациенти. Со рецептот пациентите ќе можат бесплатно да посетат многу музеи во Брисел.
Пилот-проектот ќе трае 6 месеци. Секој пациент во овој период ќе може да посети музеј 5 пати. Меѓу музеите што можат да се посетат се Градскиот музеј во туристичкиот центар на градот „Гран Плас“, Музејот за мода и чипки, Музејот на канализацијата, потоа Музејот на градот Брисел во кој се наоѓа статуата Манекен Пис, симболот на Брисел, и Центарот за модерна уметност.
Меѓу другото, проектот исто така има за цел да го зголеми пристапот на луѓето со ниски приходи до културните активности.