Gökhan Ergöçün
12 Септември 2022•Ажурирај: 14 Септември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Во светот 50 милиони луѓе живеат во модерно ропство, односно еден од секои 150 луѓе е „или принуден да работи против својата волја или е во брак на кој е принуден“, се наведува во извештајот на Обединетите нации (ОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Меѓународната организација на трудот, Меѓународната организација за миграции и „Вок фри“ (Walk Free), меѓународна група за човекови права, заеднички го објавија извештајот „Глобални проценки за модерното ропство: принудна работа и принуден брак“.
Светските проценки за 2021 година покажаа дека многу поголем број мажи, жени и деца биле принудени да работат или да стапат во брак во споредба со претходните проценки објавени во 2017 година.
Се наведува дека 27,6 милиони луѓе, или 3,5 лица на секои 1.000 низ светот, се во ситуација на принудна работа.
Според извештајот, бројот на жени и девојчиња во ситуација на принудна работа изнесува 11,8 милиони, додека со истата ситуација се соочуваат 3,3 милиони деца.
Бројките се зголемени за 2,7 милиони во однос на претходниот извештај.
Од вкупниот број, во Азија и Пацификот се повеќе од половината, односно 15,1 милион лица кои се соочуваат со принудна работа, додека 4,1 милион луѓе се присилени на принудна работа во Европа и Централна Азија, 3,8 милиони во Африка, 3,6 милиони во Северна и Јужна Америка и 900.000 луѓе во арапските земји.
Меѓутоа, во однос на популацијата, принудната работа е највисока во арапските држави со 5,3 лица на илјада луѓе.
По нив следуваат Европа и Централна Азија со 4,4 луѓе на илјада лица, Америка, Азија и Пацификот - со 3,5 лица на 1.000 луѓе и Африка со 2,9.
Извештајот, исто така, покажува дека работниците мигранти се соочуваат со поголеми ризици за принудна работа од останатите.
Околу 6,3 милиони луѓе се очекува да бидат во ситуации на присилна комерцијална сексуална експлоатација во секој момент од времето.
Од друга страна, бројот на мажи, жени и деца кои се соочуваат со принудни бракови се зголеми на светско ниво.
„Се проценува дека 22 милиони луѓе живеат во ситуации на принуден брак во 2021 година“, се вели во извештајот, и се додава: „Ова е раст за 6,6 милиони на бројот на луѓе кои живеат во принудни бракови во. периодот меѓу 2016 и 2021 година.“
Азија и Пацификот се на прво место во светот во принудните бракови, со 14,2 милиони луѓе кои живеат во такви ситуации, потоа следуваат Африка, Европа и Централна Азија со 3,2 милиони, односно 2,3 милиони луѓе.
„Кога го земаме предвид населението по региони, бројот на принудни бракови е највисок во арапските земји (4,8 лица на илјада жители), а потоа следуваат Азија и Пацификот (3,3 лица на илјада жители)“, се нагласува во извештајот.
Над две третини од овие луѓе се жени, односно 14,9 милиони жени и девојчиња.
„Три на секои пет лица во принуден брак се од земјите со пониски средни приходи; но, и побогатите земји не се имуни, со 26 отсто од присилните бракови во земјите со висок или горно среден приход.“