Mustafa Deveci
12 Септември 2022•Ажурирај: 13 Септември 2022
ХАРКОВ (АА) - Во контранападот што го започна украинската Армија во областа Харков, од руските сили вратени се повеќе од 40 населени места, јавува Агенција Анадолија (АА).
Украинската Армија, која е во одбранбена позиција од почетокот на војната на 24 февруари, соопшти дека почнала со нападите во последните денови на август.
Првата вест за контранапад дојде од јужниот фронт на Украина.
Неколку дена по оваа објава, украинскиот претседател Владимир Зеленски истакна дека ослободиле одредени села во регионот.
За кратко време по овој контранапад, се интензивираа судирите во областа Харков во источна Украина.
Украински извори соопштија дека од 7 септември почнале да се преземаат населби во областа Харков.
Украинските власти исто така информираа дека повратени се повеќе од 40 населени места во областа Харков кои беа под руска контрола.
Претседателот Зеленски, исто така, нагласи дека е вратена контролата на 3.000 квадратни километри во овој регион.
Зеленски официјално потврди дека на 8 септември под контрола е ставен Балаклија, кое е едно од поголемите населени места во регионот и кое беше заземено од руските сили на почетокот на март.
Според изјавите и информациите добиени од бојното поле, украинските сили навлегле во стратешки важни населени места како што се Вовчанск, Шевченкове, Купјанкс, Изјум. Се наведува дека украинските сили продолжуваат со напредувањето на фронтот Харков.
За некои делови од регионот Харков, и покрај тоа што на социјалните мрежи имаше објави дека украинските сили се приближуваат до руската граница, тоа не е потврдено од официјалните извори.
Соопштено е дека по една недела откако украинската Армија ја започна својата офанзивна стратегија во регионот Харков напреднала 50 километри во некои области што ги држат руските сили.
- Руските сили се повлекуваат од Изјум и Балаклија -
Некои информации од Украина потврдени се и од руското Министерство за одбрана. На 10 септември Русија соопшти дека руската Армија почнала да се повлекува од градовите Изјум и Балаклија во областа Харков, што претходно ги зазеде.