Nazir Aliyev Tayfur
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина Владимир Зеленски рече дека повеќе од 2.000 деца се киднапирани од почетокот на руската војна против неговата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не знаеме каде се нашите деца“, рече Владимир Зеленски, кој се обрати на Самитот на Европскиот совет преку видеолинк.
Зеленски, исто така ги обвини руските сили дека пукале врз конвои со хуманитарна помош и гаѓале жени и деца во коридорите за евакуација.
Во меѓувреме, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека вчера повеќе од 3.300 луѓе биле евакуирани од регионите Киев, Доњецк и Запорожје.
Сепак, таа рече дека украинската страна не била во можност да евакуира луѓе кои живеат во опколениот град Мариупол и дека десетици автобуси со хуманитарна помош не можеле да влезат во градот.
Војната на Русија врз Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 1.035 цивили загинаа во текот на војната и 1.650 се повредени, според проценките на ОН.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, Украина ја напуштиле 3,67 милиони луѓе кои пребегале во соседните земји.