Sümeyye Özer
28 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Силите лојални на водачот на пучистите од источна Либија, Калифа Хафтар, изведоа воздушни напади врз Институтот за применето инженерство во западниот либиски град Аз Завија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Меѓународно признатата либиска Влада за национално единство ја потврди веста за нападот во Аз Завија, но не соопшти повеќе детали.
Сепаратистичките сили на Хафтар и во четвртокот извршија напади врз населените места во Аз Завија во кои загинаа најмалку двајца, а ранети беа осум цивили.
Вчера во Триполи и во Мисрата се одржаа масовни протести поради актуелната криза во Либија, заради нападите на пучистите на Хафтар.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш трае борбата за доминација меѓу ривалските табори со седиште во Триполи и Тобрук.
Водачот на сепаратистичките сили на истокот на Либија, Калифа Хафтар, во април започна напад за заземање на Триполи, кој беше одбиен од силите на Владата на национално единство со операцијата „Боркан ал Гадаб“. Хафтар на 12 декември соопшти дека започнува нов напад на Триполи.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), во судирите во Триполи загинале најмалку 1.000 лица, а 5.000 се повредени.