Ekipa
28 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - Најмалку 47.000 цивили во изминатите три дена пребегаа од внатрешноста на сириската покраина Идлиб кон турската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Цивилите од Идлиб и понатаму мигрираат кон места на самата сириско-турска граница, и покрај тоа што силите на режимот на Башар ал Асад и неговите руски и проирански сојузници го запреа бранот жестоки воздушни и копнени напади во тој регион.
Шефот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халаџ, за АА изјави дека организацијата ја евидентира миграцијата во Идлиб и регистрирано е дека најмалку 47.000 луѓе пребегале кон местата во пограничната зона.
Изразувајќи стравување дека во Џабел ел Зевие би можеле да избијат нови напади и судири, Халаџ рече дека тоа би довело до нов бран миграции и дека бројот на бегалците на границата во изминатите два месеца надминал половина милион.
Силите на Асадовиот режим, проиранските терористички групи и руските воздушни сили новиот бран жестоки напади врз Идлиб го започнаа на 20 декември.
Нападите беа прекинати на 25 декември, откако делегација од Анкара, предводена од турскиот заменик-шеф на турската дипломатија, Седат Онал, отпатува во посета на Москва.
Од почетокот на ноември од внатрешноста на Идлиб кон турската граница пребегаа најмалку 264.000 цивили.
Раселените чекаат меѓународна помош, а властите на Турција порачаа дека земјата повеќе не може самостојно да го презема товарот на новиот мигрантски бран.
Пред почетокот на сириската војна, во Идлиб живееја 2 милиони луѓе, а на почетокот на војната, бројот на населението, поради жестоките судири беше преполовен. Во март 2015 година сириските опозициски сили го зазедоа Идлиб и оттогаш тој е своевидно упориште на сириската опозиција.
Идлиб така стана прибежиште на раселените лица, а во моментов во тој сириски регион живеат 4 милиони луѓе кои се цел на постојани напади на силите на сирискиот режим и на руските сили кои во војната се приклучија во октомври 2015 година.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на разговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за деескалациска зона. На 17 септември 2018 година во Сочи е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставување зона на деескалација на судирите.
Согласно договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од подрачјето, додека силите лојални на Асадовиот режим не ги запреа артилериските и воздушните напади во тоа подрачје.
Од потпишувањето на тој договор, во нападите на силите на Асад и нивните сојузници во Идлиб животот го загубија најмалку 1.300 цивили, а во изминатата година раселени се над еден милион луѓе.