Erdoğan Çağatay Zontur
08 Февруари 2019•Ажурирај: 09 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, се очекува денес да ја соопшти одлуката дали принцот на Саудиска Арабија бил одговорен за смртта на саудискиот новинар убиен во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писмото упатено до Трамп на 10 октомври 2018 година, истакнати сенатори меѓу кои републиканецот Боб Коркер и демократот Боб Менендез побараа истрага за убиството на новинарот Џамал Кашоги, според Законот „Магнитски“ за кршење на човековите права, кој истекува денес.
Според Законот, Трамп треба да утврди дали странско лице е одговорно за вонсудско убивање, тортура или друго грубо кршење на меѓународно признаените човекови права кон поединец кој ја користи слободата на изразување.
Исто така, се бара од претседателот на САД да достави извештај до Комисијата за надворешни односи на Сенатот во рок од 120 дена од денот на убиството, со одлука за изрекување санкции на странско лице или лица.
Меѓутоа, според локалните медиуми, Белата куќа се очекува да избегне обвинувања насочени директно кон Селман.
Џамал Кашоги, саудиски новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ (Washington Post), исчезна по влезот во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година.
Откако на почетокот тврдеа дека го напуштил Конзулатот жив, саудиските власти неколку недели подоцна признаа дека бил убиен во зградата на Конзулатот.