Emel Öz Gözellik
08 Февруари 2019•Ажурирај: 09 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Во индиската сојузна држава Џаму и Кашмир, интензивните врнежи од снег предизвикаа лавини и свлечишта во кои животот го загубија 8 лица, а 4 лица се заробени, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицискиот службеник С. П. Пани соопшти дека во подрачјето Банихал, каде што се наоѓала противпожарната екипа, се случила лавина. Тој информираше дека под лавината се наоѓаат 10 лица, од кои шестмина полицајци и двајца пожарникари.
Хармет Сингх од полицијата рече дека спасувачките екипи успеале да стигнат до безживотните тела на тројца полициски службеници и двајца пожарникари, додавајќи дека две лица се спасени, а спасувачките операции за пронаоѓање на тројца исчезнати продолжуваат.
Во друга лавина што се случила во подрачјето Кокернаг, едно лице го загубило животот, друго се води за исчезнато, а и двајцата се членови на исто семејство. Полицијата информира дека се спасени преостанатите два члена на семејството.
Официјалните лица информираат дека во свлечиштето што се случило врз главен пат во близина на градот Рамбан, животот го загубиле две лица.
Поради континуираните интензивни врнежи од снег, од подрачјето се евакуирани голем број жители.
Минатиот месец во подрачјето на Џаму и Кашмир се случи лавина во која животот го загубија 11 лица.