Tuğçenur Yılmaz
24 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
АНКАРА (АА) - ТУГЧЕНУР ЈИЛМАЗ -
И покрај преземените глобални мерки, туберкулозата продолжува да биде еден од најголемите проблеми кои го погодуваат јавното здравје, додека во светот секој ден околу 4.500 лица умираат од туберкулоза, пишува Anadolu Agency (АА).
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во 2017 година 10 милиони лица биле заболени од туберкулоза, од кои 1,6 милион лица починале од оваа болест.
Туберкулозата се наоѓа меѓу првите десет причинители на смртност, но и покрај тоа што постои лекување, и покрај активностите на СЗО и на други институции за подигање на свеста околу тоа, туберкулозата е причина за смртта на голем број лица, меѓу кои и деца. Во светот секој ден околу 4.500 лица умираат од туберкулоза.
Според СЗО, во 2017 година околу 1 милион деца биле заболени од туберкулоза, од кои 230.000 починале.
СЗО вели дека заболените од туберкулоза можат да се спасат со ефективно лекување, и дека во периодот од 2000 до 2017 година 54 милиони лица биле спасени од туберкулоза, благодарние на ефикасната терапија.
Во овие рамки, иако секоја година се забележува пад од 2 отсто во случаите на туберкулоза, СЗО истакнува дека оваа стапка треба да се зголеми на 4-5 отсто, со цел да се постигне целта на стратегијата „Уништи ја туберкулозата - 2020“.
- Најголем број случаи на туберкулоза забележани во Југоисточна Азија -
Југоисточна Азија излегува на преден план како регион во кој се забележани најголем број случаи на туберкулоза, односно 44 отсто од регистрираните случаи, по кој следуваат африканскиот континент со 25 отсто и Западно-пацифичкиот Регион со 18 отсто, Источен Медитеран со 7,7 отсто, американскиот континент со 2,8 отсто и Европа со 2,7 отсто.
Две третини од регистрираните случаи на туберкулоза низ светот се забележани во Кина, Индонезија, Филипините, Пакистан, Бангладеш и Јужноафриканската Република.
Од друга страна, Романија и Бугарија се земји во кои се забележани најголем број случаи на оваа болест во Европа.
- 24 март - Светски ден на туберкулозата
На 24 март - Светскиот ден на туберкулозата, секоја година низ светот се укажува на тоа дека туберкулозата може да се лекува, со цел да се подигне свеста за заштита од оваа болест.
СЗО, Светскиот ден на туберкулозата во 2019 година го одбележува со мотото „Дојде време“, во чии рамки се укажуваат потребните мерки кои треба да се преземат со цел случаите на туберкулоза да се намалат на најниско ниво.