Ekipa
01 Мај 2016•Ажурирај: 02 Мај 2016
САРАЕВО (АА) - Денес ширум светот се одбележува Меѓународниот ден на трудот, а по тој повод со зголемени безбедносните мерки, одржани се масовни собири во стотина градови од Австралија и Индонезија, преку Азија и Европа, па сè до Америка, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот ден на трудот е празник со кој припадниците и симпатизерите на работничкото движење го одбележуваат сеќавањето на своите достигнувања, односно жртвите кои припадниците на тоа глобално движење ги поднеле со цел да се изборат за поголеми работни права.
Околу 100.000 луѓе денес се собраа на протестите во Москва. Московскиот Црвен плоштад беше преплавен со луѓе кои бараа повеќе права за работниците.
Локалните власти во Москва соопштија дека за денес се најавени над 200 настани по повод Меѓународен ден на трудот, поради кое се зголемени мерките на безбедност.
Масовниот собир пред зградата на Операта во Виена го организираа Социјалдемократските партии, а на протестниот марш се придружи и австрискиот премиер Вернер Фајман.
Излегувањето на Фајман за да одржи говор предизвика големи овации од неговите поддржувачи но и големи исвиркувања од страна на противниците на неговата политика, па во таков амбиент тој се откажа од планираното обраќање кон собирот.
Масовен собир е организиран и во Австралија, поточно во центарот на Мелбурн.
Иако во Австралија денес не се одбележува службен празник, неколку илјади луѓе се собраа во центарот на Мелбурн и бараа поголеми права на работниците.
Мелбурн на денешен ден во далечната 1856 година беше место на масовни протести на градежниците, па се смета за еден од градовите во кои е започнато работничкото движење за борба на правата на работниците.
Сојузот на синдикатите во Палестина организираше протести во центарот на Газа, а пред зградата на палестинската влада се собраа неколку стотици работници.
Ширум Шпанија денес, исто така, се одржуваат масовни собири, а слично е и со другите земји во Европа.
Илјадници Индонезијци маршираа денес низ Џакарта и се собраа пред претседателската палата со барање да се подобрат работните услови во таа земја.
Сличен собир е одржан и во Бангладеш и други земји низ Азија.
Главен настан кој го инспирираше воспоставувањето на Меѓународниот ден на трудот беа немирите кои избија на плоштад во Чикаго 1886 година. Први мај да се комеморира како датум кој одбележува право на осум работни часа, осум часа за сон и осум часа право на сопствен живот одлучено е од страна на американската Федерација на организирани синдикати, две години претходно.
Меѓународен празник на трудот стана во 1890 година и денес е службен празник во над 80 земји а уште во толку земји се слави неофицијално, често придружено со улични немири.