Sümeyye Dilara Dinçer
12 Февруари 2021•Ажурирај: 13 Февруари 2021
СЕУЛ (АА) - Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун го обвини Кабинетот за неуспехот на петгодишниот план за развој утврден во 2016 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на Централната новинска агенција на Северна Кореја (KCKN), Ким се пожали дека Кабинетот не ја исполнил својата улога како „клучна институција што управува со економијата“ и истакна дека произведува нефункционални планови без „иновации и јасни тактики“.
Истакнувајќи дека земјоделските материјали се ограничени и дека условите се неповолни, Ким рече дека поставените цели за земјоделското производство на Кабинетот за оваа година се нереално високи.
Тој нагласи дека поставената цел за производство на електрична енергија е многу ниска и додаде дека недостигот што може да се појави за електрична енергија може да ја запре работата во рудниците за јаглен и другите индустрии.
Меѓу другото, Ким наведе дека Кабинетот не ја одиграл водечката улога во утврдувањето на плановите за клучните економски области.
Говорејќи на Конгресот на Корејската работничка партија одржан на 6 јануари во главниот град Пјонгјанг, Ким призна дека скоро сите сектори во земјата заостанале зад своите планови за економски развој и дека петгодишниот план за развој утврден во 2016 година не успеал.
Коментирајќи ги тешкотиите со кои се соочува Кабинетот како најлоши и најнеочекувани досега, Ким повика на нов петгодишен план.