Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
12 Февруари 2021•Ажурирај: 15 Февруари 2021
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Продавницата за играчки отворена во шаторска населба во Идлиб, Сирија, може да ги украси единствено соништата на децата кои можат да купуваат само леб кога нивните семејства ќе стигнат до пари, пишува Агенција Анадолија (АА).
Мухамед Китејш, кој е раселен пред две години поради нападите на силите на режимот на Башар ал Асад, отвори продавница за играчки во шатор во кампот каде што е засолнет.
Говорејќи за Агенција Анадолија, Китејш истакна дека продавницата ја отворил позајмувајќи пари.
„Продавницата за играчки ми дава спокој. Ме оддалечува од калта и правот во кампот. За кратко време ми овозможува да ја заборавам болката која ја доживеав“, нагласи Китејш.

Китејш исто така истакна дека дури и играчките не можат да ја ублажат болката на раселените деца.
- „Сакам сите деца во шаторите да имаат играчки“ -
Тринаесетгодишниот Ахмет Хатиб, кој живее во еден од импровизираните шатори во кампот, рече дека неговото семејство нема пари за да купи играчки, а дека кога имаат пари, можат да купат само леб.
Хатиб, наведувајќи дека сака да има играчки како и другите деца, рече дека особено сака да има велосипед.
Десетгодишниот Аднан Мухамед истакна дека сака да купи фудбалска топка, при што рече: „Сакам сите деца во шаторите да имаат играчки, не само јас“.

- Ситуацијата во Идлиб -
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за една од четирите зони на деескалација.
Силите лојални на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година беше постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона.
Турција во септември 2018 година во Сочи заедно со Русија се договорија за зајакнување на Договорот за прекин на огнот.
Русија и режимските сили започнаа операции за заземање на целиот регион во мај 2019 година и зазедоа неколку големи населби во деескалациската зона во Идлиб.
Конечно, во Москва на 5 март 2020 година беше постигнат нов договор меѓу Турција и Русија.
Примирјето, кое режимските сили повремено го кршеа, во голема мера се применува.
Во периодот 2017 - 2020 година, речиси 2 милиони цивили беа принудени да мигрираат во региони близу до границата со Турција поради нападите на режимските сили и Русија.